НАСЛОВНА ЛИЧНА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА ЕДУКАТОР MODUS VIVENDI AJ VOX POPULI БИЗНИС КЛИМА ВРЕМЕТРАЕЊЕ КРЕАТИВЕН РАКОПИС
Home Home VOX POPULI Блажена горо зелена Тажачка; Леле, старо, што ми умре
Тажачка; Леле, старо, што ми умре Печати Е-пошта

УметностТажачките песни или тажаленките се составен дел на обичаите и обредите што се изведуваат при смрт, закоп и помени на умрен човек. Тие се поетски творби - елегични импровизации на одделни членови на семејството на мртовецот со кои се оплакува неговата смрт.

мејства ангажираат и професионални пеачки за тажење кои имаат свои шематски текстови на тажаленки за разни случаи и во нив ги внесуваат реалните информации за покојниот што семејството бара да бидат вклучени во тажењето. Затоа тажаленките на професионалните пеачки имаат меѓусебни разлики.

Големиот собирач на народни умотворби Марко К. Цепенков за тажачките запишал:

„Чудни се навистина нашите жени во тажењето на умрените. Голема дарба имаат во тажењето. Која од која се натпревараат да го реди умренио со ред зборои од неговио живот- арен или лош, сиромашки али богатски, спроти болеста што ја имал, спроти еќимо што го лекуал, спроти младоста што ја имал, али староста и друзи многу нешта.

Откоа ќе се спружи мртоецо наземи и му се запалат свеќите, ќе се наредат домашните жени околу него и тоа на ред според староста и младоста на жените и ќе почнат да го тажат едната на која ќе му е редо, ако има снаа, ќерка, и таа ќе и помага на првата.

Откоа ќе разберат роднини и пријатели, ќе почнат да идат со свеки и киски од цвеќиња и гајрет да и даваат на мајката али на домаќинката, ќе поседнат околу мртоецо околу наоколу, едни да слушаат како ќе тажат домашните и друзи роднини што имаат. Во целата одаја кај што бил спружен умренио, имало до педесе жени поседнати, што слушале тажачката од некоја жена што е веќе најмастор за тажење. Сите плакале и се лигаеле, та се бришале со шамиите в раце од многото солзи што пуштале. Од камен срце ако имало у некого, па се омекнувало од збороите: реди си та на зглоб донесени и на место сите наредени спроти умирачката на умренио и други.

При таквите мајсторцки тажачки, којшто се тажат, лесно не стануат жените што дошле на гајрет, чунки ќе се залисаат во жалната историја што му ја редат со плач и на глас како некоја најубаа песна што се пеи од некој многу песнарија и гласоит чоек.

Не само куќните жени имаат прао да го тажат умренио и роднините, ами и друзи жени што дошле дури од треќо маало можат да потажат ако си имаат некој мили свој умрени, и умрените некоаш живеале со тој умрен  што е пред нив, да живеале некоаш и му знаи малце али многу од живото, ќе почнат да му редат цела историја и ќе го замолуаат умренио да му носи здравоживо на своите умрени и друго.

Има и некој жени што немаат дарба голема да редат многу, арно ама се туку ќе можат горе- долу да тажат и да го редат умренио.

Секоја жна што ќе чуе од тажачките на тие жени ќе запамети по нешто, и кога ќе си одат дома, ќе му прикажуаат на домашните од историјата што му ределе на умренио.

Мајка ми, бог да а прости, беше многу жалоита, та коа ќе појдеше на некој мртоец, ќе ми кажеше што се тажело, а пак сестра ми Зица чудна је во тажењето, цел ден да ја остаиш се ќе тажи и ќе реди како некој славеј, да дури да зарипни. Многу сум ја карал за тоа нешто да не тажи толку оти је греота, арно ама не сум могол да ји заптисам".

Поетиката на македонските тажаленки ја истражувал германскиот научник Херберт Појкерт, за што има издадено и посебна студија. Тажаленките имаат востановена форма затоа што се секогаш плод на импровизација, при што не се води сметка за каква било традиција. Се пеат во драмски рамки. Се прават мали паузи со изливи на плачење, тажачките си ги плускаат рацете и ги корнат косите со пискотници и викотници, па тоа предизвикува и некои од присутните жени да се придружат со свои припевки.

Посебно место во фондот на македонските тажаленки има збирката на етномузикологот Васил Хаџиманов. По катастрофалниот земјотрес во Скопје, на 26- ти јули 1963- та година, што однесе во смрт близу две илјади луѓе, тој на Градските гробишта во Скопје успеал да сними близу 500 неизмерно текстуално и музички импресивни тажаленки, и тоа скришно од оние што тажеле. За жал, смртта го спречи да ги објави во целост.

ЛЕЛЕ, СТАРО, ШТО МИ УМРЕ

(Стара баба си го тажит деда)

Леле, старо, што ми умре,
Што ми умре, да без јазик,
Та ништо не ми нарача
За како да те закопам,
За задуша да ти сторам,
Задуша да ти се најди,
Во рај Божи да ти појди,
Леле, Диме, домаќине!
Ти што умре, арно стори;
Оти си се куртулиса
Од старичинската мака,
Ами јас зашто останав
На земјава да се мачам,
Со стапче да се потпирам,
Легни- стани се да јачам,
Од очи непара гледам,
Заби в уста ич си немам,
Зашто,Боже, јас останав,
Јас понапред што не умрев,
Тук' останав за да грешам.
Леле, леле, јас старичка,
Што си останав самичка!
Ти се молам, слатки Боже,
Ти дај ми добра душичка
За да си умрам побрго.
Слатки Боже, да ме простиш,
Да ми простиш мојте грешки
Што сум сторила во младос.

 
Банер

 

Почни го денот со ПАНОПТИКУМ

 
 

 

  Top