Авторски- мои умности или промисли- домисли објавени на Facebook, и тоа до бројка која во моментот на оваа објава се надминува. До кога? Веројатно до ниедно време.
2.501.Нема компромис без алтернатива.
2.502.Не им верувај на оние што едно мислат и не домислуваат, а друго прават и не доправаат.
2.503.Љубовта нема ништо заедничко со навиката. Кога и најмало нешто од неа ќе стане навика, тоа значи дека почнала да гасне.
2.504.Минливо е времето на животот, а не тој.
2.505.Не ветувај брда и долини кога не можеш да стоиш на нозе и признаваш посилни пред кои си ја веднеш главата.
2.506.Поважно од да си прв е да си недостижен.
2.507.Исполнет ден со дејанија и создавање е претпоставка за добра и спокојна ноќ.
2.508.Моето дело не вреди се додека е само мое.
2.509.Се повеќе заборавени од мене, а и јас заборавен од други. Не е проблемот во паметењето, туку во дребноста и непотребноста.
2.510.Умора од одмора само при болест или во предсмртен час.
2.511.Неперспективно, нечовечки, нецивилизациски, дури лично недостоинствено е да се живее, работи и создава само сега.
2.512.Мајтапењето е неуспешно кога е упатено не само на оној што се мајтапи, туку и на оние со него и околу него.
2.513.Биди пред други каков што си, без оглед колкумина ќе те прифатат, а колкумина не. Каков што не си, за со никого не си.
2.514.Крајот е секогаш за нов почеток. Не се почнува одново додека не стаса на крајот.
2.515.Пријателот најмногу го разбира и споделува молкот помеѓу зборови.
2.516.Учи од секој твој пораз до конечна победа.
2.517.Убеден си дека ќе победиш, а играш нечесно и без никаква почит спрема противникот. Може да победиш, ама поразен и јаден пред сите.
2.518.Глава боли и од многу и од малку. Никогаш не боли од достатно.
2.519.Најголем проблем помеѓу лицето и опачината е кога и лицето почнува да станува опачина.
2.520.Вчера со едни, денес со други...никогаш со мене!
2.521.Нема никакво значење кажаното или напишаното за оние што не наоѓаат ни малку време за паметење на слушнато или прочитано од други.
2.522.Кога и ракоплескаме и ја наградуваме глупоста, тоа значи дека умноста веќе се збогувала од нас.
2.523.Со ароганција се напаѓа пред последен пораз пресилен со збор и дело.
2.524.Се си има ден или век. За живот и опстој.
2.525.Мудроста налага одмереност и одбрането достоинство пред секого и сешто.
2.526.Мисли и промислувај макар одвреме- навреме. Може да излезе нешто домислено за други.
2.527.Најтешко е да се верува на ветувања при неподнослива леснотија на живуркање.
2.528.Се повеќе тишина и молк помеѓу нас. Жално и страдно.
2.529.Не му требаш на оној што е доволен на себе си.
2.530.Не брани се себе си бранејќи друг. Ако не можеш сам, брани се со друг.
2.531.Почтиувај го различното мислење со тоа што нема да се обидуваш да го промениш, туку да му го сопоставиш сопственото.
2.532.Поголем е трудот, но и предизвикот да разубедиш одошто да убедиш.
2.533.И имаштина и немаштина во животот кога е докажан повеќе со создавано одошто со создадено дело.
2.534.Пријателите не се избираат. Тие ти се наоѓаат и во брано и во небрано.
2.535.Немаш време ни да здивнеш? Значи, тоа веќе не е твое.
2.536.Од сите сомнежи само творечкиот не треба да се совладува.
2.537.Стануваме се поблиски додека се откриваме се подалечни.
2.538.Секогаш нешто од се, само ништожност не.
2.539.Ти минува времето кога го губиш чекор со оние што по тебе доаѓаат и пред тебе продолжуваат.
2.540.Оној што вели за својот народ дека е слеп, глув, исплашен- преплашен, не знае што прави, греши со кого е, не е свесен за кого е и се друго слично на тоа, не само што е за него ништожен и безвреден, туку најбрзо што може го фрла на буништето на своето време и го заборава како да не бил никогаш.
2.541.Големите грешки од одминот на животот се непоправливи.
2.542.Голем си кога ја признаваш победата на друг, а уште поголем кога поразот ти е за ука и поука.
2.543.Ако однапред осудуваш, немаш право да судиш.
2.544.Не може во пораз да имаш каков било успех. Без оглед дали е поголем или помал од доживеан пред него.
2.545.Одмини ме без поздрав, но не одбегнувај ме. Да не ми е непријатно оти сум те сретнал.
2.546.Помеѓу потребноста и залудноста е секогаш празнина што ја зголемува или намалува сомнежот.
2.547.Политизацијата на животот и смртта е без двојба приземна, примитивна, умно заробеничка, па и нездрава- налудничава.
2.548.Се силно, болно и страсно, жално и радосно што сум доживеал и преживеал може да се прочита на лузните во моето срце, во брчките на моето чело и во моите зборови речени и недоречени.
2.549.Не можеш да ме замолчиш кога не сакаш да ме слушаш.
2.550.На зрелите години не им прилегаат незрели мисли и зборови.
2.551.Во се речено мое за тебе нема ништо за поткажување, има малку за докажување, а многу за прекажување.
2.552.Не дозволувај кој било да ти го поколеба чекорот кон најголемата цел на животот- повеќе создавано од создадено.
2.553.Добронамерноста не отстапува пред злонамерноста, туку ја игнорира или ја прави ништожна.
2.554.Мислам дека треба многу да се мислиш додека те мислат.
2.555.Луѓето со заробен ум ни добра мисла не може да ги ослободи.
2.556.Она што не ти е право не дозволувај да ти го искриват оние на кои сенешто им е криво.
2.557.Колку е тврдокорноста поголема и побрза, толку е поблиска до будалштината.
2.558.Оној што настапува непресметано брзо го пресметуваат и мора да отстапува.
2.559.Беспоговорност не, ама не и беспричиност.
2.560.Грубоста не им прилега на мудри и разумни. И во одбрана и во докажување.
2.561.Сеедно дали ме имало вчера и ќе ме има ли утре, ако веќе ме нема денес.
2.562.Невозможно е да стоиш в место кога сите одат напред. Исто како што е невозможно сите да одат назад.
2.563.Не терај нескротлива и матна вода на своја воденица.
2.564.Оние што се трудат да ме заборават се додека се трудат ќе ме паметат.
2.565.Од заедничкиот животот можеш да го бараш само реалното и можното.
2.566.Со спокој, ведрина и верба во секој нов ден.
2.567.Правото на сомневање е плодородно единствено во создавањето.
2.568.Неволноста и рамнодушноста ја оневозможуваат алтернативноста.
2.569.Длабоката мисла се разбира и прифаќа за во безвреме.
2.570.Без секого се може, а без некого се мора.
2.571.Залудно е што било создадено, ако не е за создавање.
2.572.Колку повеќе издржуваш, толку помалку те поддржуваат.
2.573.Од намера до злонамера дејание само против, а не и за.
2.574.Помнењето и заборавот зависат од споделеното време со други.
2.575.Признанието и наградата се знак на почит за усвоена создадена или создавана вредност.
2.576.Скраја од оние што не согледуваат оти не догледуваат и од оние што не дозборуваат оти не домислуваат.
2.577.Никогаш не е едно времето што го споделуваш со друг. Толку се колку што не си сам.
2.578.Секогаш почнувај од она што е, ако сакаш да биде што треба од што не мора.
2.579.Што оставаш зад себе? Ништо ако не е и за пред тебе.
2.580.Ако се сите само за сега и овде, никому не му е важно што ќе остане по него од него.
2.581.Сложена и проблематична состојба не се надминува со површност и импровизација, туку со темелност и стручност.
2.582.Се повеќе во себе и се подалеку од други откако ќе снеможиш, па ти е сеедно кое годишно доба е и дали твојот свет е дел од стварноста.
2.583.По победа и поразеник нема морален победник. Тоа може да биде само трет.
2.584.Најлесно е да префрлиш сопствена најголема вина врз кого било под тебе.
2.585.Големите дела ниту го негираат, ниту го премолчуваат или одмолчуваат сопственото време. Тие него го потврдуваат и продолжуваат.
2.586.Политичарите најголеми штети на народот му нанесуваат со својата недоследност
2.587.Колку вреди она што го создавам за други? Доволно за да продолжам да го досоздавам. Без оглед на искушенијата, сомнежите и личната загроза.
2.588.Ако сум денес од вчера, мене и утре ќе ме има.
2.589.Малку се случајните случувања во животот. Многу се со непредвидливи и немерливи последици.
2.590.Има навики од кои нема одвика. Зашто станале дел од она што сме.
2.591.Никако не чини вака:
Реченото прво одречено, па после преречено недоречено.
2.592.Немам верба во оној за кого знам дека личниот интерес му е на почетокот и крајот од секое дејание.
2.593.Нема мудрост во молк за кој се трошат празни зборови.
2.594.Си се натоварил со планина грижи и мачнини, што да не можеш да ја согледаш смислата на твојата егзистенција во светот на минливоста.
2.595.Прочитај, па читај- послушај, па слушај- погледај, па гледај.
2.596.Предвреме отпишан? Да, од оние кои згрешиле оти те запишале како нивни.
2.597.Не сум тој што сум додека со тебе, љубов, не сум.
2.598.Никогаш и никаде со луѓе кои не достојуваат на нозе во тегоба што навалува од бесни ветришта и црни облаци.
2.599.Нема дилема пред се познато и јасно.
2.600.Кога веќе си почнал да играш, мораш да доиграш. Ако не сакаш да те надиграат и преиграат.
2.601.Ако споделуваме и добро и зло во секое време, ќе бидеме заедно и кога сме далеку еден од друг во невреме.
2.602.Минатото не обврзува, туку потврдува или оспорува. Со создадените вредности и здобиените искуства.
2.603.Рамноправноста не значи и рамномерност, но е добро што посуштински да се развива паралелно со неа.
2.604.Да се биде постојан и доследен е најлесно кога не поостои егзистенцијална зависност.
2.605.Човек паѓа и станува за да не стои в место само ако чекори со несигурен чекор.
2.606.Лицемерно е да признаваш дека си виновен за грешки и се лошо што си направил со немерливи последици врз други, а да не прифаќаш лична одговорност со соодветна казна.
2.607.Годовите на пресечено дрво зборуваат за многу непочин, премрежје и непокор во секакви времиња- невремиња.
2.608.Да бидеме заедно во кое било наше време.
2.609.Колку подолга сенка, толку побавен залез.
2.610.Само заедничка цел може да доближи, па и да изедначи спротивставени страни.
2.611.Жални и бедни се оние што дозволуваат да ги (пред)води недоследен политичар.
2.612.Се е минливо за минувачите низ животот. За оние што ја живеат неговата полнота има многу трајно.
2.613.Може некако со оној што може, а не мора, но никако со оној што мора, а не знае.
2.614.Индивидуалната слобода е најнапред во зборот, дејанието и еднаквоста пред одговорноста и правото.
2.615.При крајот на своето време творецот не се прашува дали одново да почнува, туку дали да продолжи во друго.
2.616.Докажувај и кога прекажуваш.
2.617.Секогаш со мера и време доста од многу.
2.618.Не во минливото и менливото, а во достојанието е вредноста на животот.
2.619.Човек станува рамнодушен на се, ако разбере дека во вчера не бил и во денес не е за да биде утре.
2.620.Судете според покажаното и докажаното, ама пред се според согледаното, сознаеното и создаденото.
2.621.Од оние што многу знаат помалку дознаваме одошто сознаваме.
2.622.Поразеникот го признава поразот откако ќе ги осознае причините и ќе ги согледа последиците.
2.623.Објавата на што било лично е пред се против безличието.
2.624.Не жалам за она што било од мене, туку за она што е и допрва ќе биде без мене.
2.625.Штом знаењето и искуството не ти се за други или на други не им требаат, исто е како да ги немаш. Не само што ништо не вредат, туку се сопнувачка и сопирачка за личниот напредок.
2.626.Уморен од се? Само понекогаш. Во нерасположба.
2.627.Јас не знам дали и колку останало од мене во други, ама знам дека од други во мене има многу останато за продолжение.
2.628.Се сомневам, значи создавам.
2.629.Убавината на кое било дело е лично откриена, доживеана и верднувана. Неговата вредност, пак, е заеднички соживеана, сознаена и прифатена.
2.630.Споредуваме откако ќе провериме дали е тоа воопшто можно.
2.631.Замин на најблизок секогаш за долго до најдолго паметење.
2.632.Бил мудар, вреден и од секого почитуван? Па како стана никој и ништо откако почина? Исто како да не бил никогаш?
2.633.Со личности и дела против баналното секојдневје.
2.634.Нема многу за малку, туку никогаш олку и толку за доста.
2.635.Доследност:
Без оглед на поминот на времето и одминот на годините, сум бил и ќе бидам она што сум.
2.636. Во се што се повторува има нешто ново.
2.637.Не е за разбирање оној што од незнаење вели дека не знае се што треба.
2.638.Безусловна зависност:
Да сум со тебе или барем зад тебе.
2.639.Има ли некој што не трпи критика? Имаше вчера. Го видов на највисокиот врв од сите извишени околу нас. Денеска разбрав дека паднал и не преживеал.
2.640.Реалноста најчесто не бара одговор „Да“ или „Не“ на поставени и претпоставени прашања. Најчесто бара анализа, критички однос и барање на конкретна одговорност за стореното или нестореното.
2.641.Немам време за нечие изгубено време. Особено кога ми е пронајдено моето.
2.642.Се, ама баш се и секој (од)минува бавно. Нам само ни се чини брзо, дури пребрзо.
2.643.Одвреме- навреме доаѓа време на замолк преполн со рамнодушност.
2.644.Стандард помеѓу: да имаш колку што немаат други и да немаш колку што имаат сите.
2.645.Намерник си секогаш кога ги случуваш нештата повеќе отколку што ти се случуваат.
2.646.Чесно заработува оној што сработува за друг исто како за себе.
2.647.Во политиката зборот и делото исто тежат.
2.648.Што било со кого било- пак да не биде.
2.649.Верувај, ама и проверувај. Особено по насобрано какво било искуство.
2.650.Политичко самодејание: најмалку за себе, најмногу за народот.
2.651.Толку му се стемнило пред очи на гладниот и страдниот, што сит и имашен да не му го пресече бесцелниот пат.
2.652.Подолго се опира од заборавот преживеаното одошто доживеаното.
2.653.Љубов моја, ако станеш наша ќе ги изгубиш убоста, нежноста и доблеста што те прават своја.
2.654.Со определбите и посветеноста, алтернативите во животот сзтануваат се помалубројни.
2.655.Секоја мисла може да се домисли откако ќе се промисли.
2.656.Најделотворни и најтворечки расположени сме помеѓу умор и одмор.
2.657.Се трудат да ме заборават оние што не се за паметење по добро.
2.658.Не расте куќа без стопан, а се урива штом нема домаќин да ја крепи.
2.659.Нема големи проблеми додека некој не почне да ни го проблематизира опстојот.
2.660.Најмногу вознемирува молкот што зборува.
2.661.Стасуваме на крајот денес како вчера да сме тргнале кон утре.
2.662.Молкома помеѓу две думи.
2.663.Воздржувањето не е секогаш полезно. Особено при навреди, примитивизам и агресивност.
2.664.Научив за други исто колку за мене.
2.665.Добра мисла јасна и бистра, длабока и трајна. Наспроти зломисла бедна, јадна и жална.
2.666.Помала мака е да му згрешиш на човек пак, одошто да му згрешиш исто.
2.667.Човек е најнемоќен на замин со длабок воздив пред издив.
2.668.Човек старее од година во година, од ден во ден, од час во час, а младее од миг во миг. Доколку го живее животот во сета негова полнота.
2.669.Кој не разбрал дека разбирачката ги ближи луѓето, ќе остане до замолк со нелуѓе.
2.670.Таман работа да се согласуваме во се. Со такви никој не споделува дел од своето време за сопствена надградба.
2.671.Ако не си менувал постојано менувајќи се, предоцна е за каква било промена сега.
2.672.„Што можам да сторам за вас?“ е секогаш многу поважно отколку „Што можете да сторите за мене?“. Пред се за позицијата на која сте.
2.673.Можеш повеќе се додека си дел од времето во кое си.
2.674.Тегобен ми е секој миг во кој што те нема, а преболен секој во кој сум без тебе.
2.675.Јас сум со оние што се за и кога се против.
2.676.Се во животот било залудно кога тој те напушта во самота.
2.677.Што било поминало- како никогаш да не било.
2.678.Еднаквоста најмногу им должи на слободата, самосвеста и почитувањето.
2.679.Кажаното е кажано, а мисленото за докажување или прекажување.
2.680.И најблиските стануваат далечни кога се обидуваат што повеќе за себе од оставено да приграбат.
2.681.Моето време минува или во најголем дел е минато? Па што? А чие не е и нема да биде?
Но има нешто што сигурно останува:
Не во се, а во многу создадено и создавано од мене јас сум јас со ние, без оние кои не се што се и никогаш нема да бидат.
2.682.Ништо не е поважно од здравјето на духот, а потоа и на телото.
2.683.Дребноста и минливоста ги поразува оние што не ја прифаќаат нивната нужност во со дело неисполнети простор и време.
2.684.Грижата за сопственото здравје е единствена во длабока старост. Сите други се за други.
2.685.Никој не може да ја намали твојата големина ако е од збор и дело.
2.686.И критериумот се надградува исто како создавањето.
2.687.Се познавам доволно себе си за да се откријам пред други колку што мислам дека е доволно.
2.688.Во многу кажано секогаш има недокажано.
2.689.Вознесот на човекот е и во пораз со кренато чело и срце полно со љубов.
2.690.Полесно до успех кога неуспехот поттикнува.
2.691.Горд си на себе си кога гордоста ја споделуваш со други.
2.692.(Не)слобода:
Секој има право на погрешно мислење.
2.693.Творечки неспокој и сомнеж во создавањето, но и по создаденото.
2.694.Можеш да споделуваш од своето минато само со оној со кого имаш заедничка сегашност.
2.695.Угледот и авторитетот најлесно и најбрзо ги урива личниот интерес.
2.696.Во време и простор место за мојата дребност со дело.
2.697.За паметење од мене како од секој друг- само она што ме препознава и именува.
2.698.Не е за разбирање она што се чувствува или сочувствува.
2.699.На туѓи грешки се учиме кога сопствените не си ги признаваме.
2.700.Јас сум на страната на оние што никогаш не стојат настрана.
2.701.Со зборови и во молк!
2.702.Во однос на вредноста на твоето дело и/или дејание, поважно е да те избираат одошто да избираш.
2.703.Мудроста не е само насобрано искуство, туку многу повеќе знаење, дело и дејание.
2.704.Јас не сум ти, тој, вие или оние, туку некогаш и ние.
2.705.Од одамна до неодамна ти, јас и многумина со нас, а сега само ти, само јас и многумина без нас.
2.706.Можностите не се неограничени. Исдкористи ги пред се оние што сам ги создаваш.
2.707.Односите помеѓу луѓето најмногу зависат од постојаноста на однесувањето и добронамерноста.
2.708.Еднакви сме и рамноправни во наше што си имаме, а не помеѓу свое и туѓо за имање.
2.709.Секогаш поразот е болен кога противникот го сметаш за непријател.
2.710.Нема ништо вредно или дребно од тебе за паметење? Па зошто си живеел? Како?
2.711.Од мене многу нешто недоречено што не треба да го доречам, туку да остане секогаш за доречување.
2.712.Осамен понекогаш, но мачно и жално секогаш.
2.713.Никогаш не сум бил толку сиромав да немам за имање на други да дадам од своето богатство.
2.714.Власт без чест е исто како љубов без достоинство.
2.715.На крајот секогаш почеток на заборавот.
2.716.Слабак пред силни и моќни:
Јас сум што сум и кај што сум зашто овие не ми помагаат, а оние ми одмагаа.
2.717.И тивок и громен збор од мене во замолк.
2.718.И мудриот не знае и не разбира се. Затоа е мудар.
2.719.Не ме уморува товарот на годините, туку грешењето и двојбата во нив.
2.720.Те почитувам особено затоа што мислиме различно.
2.721.Спокојот и сомнежот ги придвижуваат нештата напред, а немирот и решителноста создаваат нови.
2.722.Доволноста е помеѓу потребите и можностите.
2.723.Кога одиш во чекор со други, тоа значи дека не предводиш со мисла и збор, а ни со дело.
2.724.Воопшто не е тешко да се одбрани она што се сака. Тешко е да се сака толку за да не мора да се брани.
2.725.Помеѓу случајности и намерности разумно дејание.
2.726.Јас можам уште многу, ама со годините се помалку сам.
2.727.Убавината не е минлива, туку е минлив навикот на неа.
2.728.Ако сакаш да го поразиш политичкиот противник, најнапред треба да научиш да го почитуваш.
2.729.Инфериорни сме кога се слушаме себе си, а не дослушуваме други.
2.730.Никогаш доволно создадено од мене. Секогаш уште за создавање и пресоздавање.
2.731.Сиромашен им е животот на оние што не умеат да го живеат во сета негова полнота, со се случајно и намерно што се случува во него.
2.732.Промена за чекор напред, сеедно голема или мала, е нужна по долго стоење в место. За чекор назад е доволен стравот од неа.
2.733.Недовербата најмногу го раслојува општественото ткиво.
2.734.Староста не ја товарат годините, туку дните и ноќите. Некогаш дури секој миг во нив.
2.735.Посилниот не треба да поразува, туку да совладува.
2.736.Скраја од безличните и ништожните. Особено кога се избрани за напред.
2.737.Во животот и паѓаш и се креваш се додека не снеможиш од умора или болест. Потоа во него живуркаш.
2.738.Мојата мисла за тебе како ненадмината убавина потајум им ја кажувам на сите што знаат колку е одмерен и колку е длабоко доживеан секој мој збор. Да не ја чујат оние што посегаат по туѓ.
2.739.Се си тече додека не истече, а на некои додека не им претече.
2.740.Ако си прав, ништо криво не може да ти се случи.
2.741.Не мислиш, не промислуваш и не домислуваш? Значи не дејствуваш, туку те дејствуваат.
2.742.Помеѓу вредноста и минливоста најчесто е маргиналноста.
2.743.Не очекувам ништо за возврат на она што сум го дал од себе. Само дочитание и малку почитание.
2.744.Сопствените грешки ги повторуваме зашто на туѓите не се учиме.
2.745.До кога? До каде? Не знам, ниту сакам да узнам. Сигурно не секогаш и секаде.
2.746.Бев може да значи нешто само додека си. Кога веќе не си, ништо не значи дека си бил.
2.747.Најтешко е кога миговите на радост и среќа се еднакви со миговите на жалост и тага.
2.748.Оној што мрази не се препознава себе си ниту помеѓу ништожни.
2.749.Насобраното искуство и стекнатото знаење не вредат кога никому не му се потребни.
2.750.Немерлива е глупоста во политиката. Особено со оглед на последиците.
2.751.Повторувањето не е за разбирање на неразбрано, ами за учење на недоучено или за доправање односно преправање на направено.
2.752.Годините не им значат ништо на оние што имаат свое време и свое место во стварноста.
2.753.Не е сизифовска мака да качуваш камен угоре, туку да не дозволиш камен да те турне удолу.
2.754.Побрзај да стасаш навреме на целта кога никој не се обидува да те престаса.
2.755.Човекот учи цел живот за да научи што е тоа човек.
2.756.Во коренот е сонот, во плодот стварноста.
2.757.Имам време за се додека сум во времето со мое време.
2.758.Авторитетот се гради помеѓу оние што умеат да вреднуваат труд и знаење.
2.759.Јас не можам со тебе оти ти не можеш со себе.
2.760. Нешто се открива на крајот, а нешто во меѓувреме се открива само. Проблем е криеното од почетокот до крајот и по него .
2.761.Се може да се поправа и доправа додека се прави. Дури и направеното.
2.762.Биди реален кога неможното станува можно. Штом не си бил во меѓувреме.
2.763.Некогаш е нужно да ставиш маска на лицето за да си го дочуваш образот чист.
2.764.Вистината боли само кога е една. Многу подболуваат бидејќи се недокажани. Најлесно е секој со своја (полу)вистина. Нема потреба од докажување.
2.765.Немојте да и се смеете на глупоста кога се обидува да ве направи смешни.
2.766.Мораш да ја напуштиш власта штом ќе те напуштат оние што се на власт.
2.767.Малку на почетокот, многу на крајот, ништо во средината. Многу на почетокот, малку во средината...а дали барем нешто ќе остане на крајот?
2.768.Од лесно кон полесно, од тешко кон уште потешко.
2.769.Годините не се признаваат според бројот и одминот, ами според насобраното искуство, премрежијата, тагите и радостите во нив.
2.770.Кој работи сешто греши, а греши и оној што работи нешто. Најмалку греши оној кој знае што работи.
2.771.Човек не треба да обвинува никого, а ни себе си за нешто што му се случило, а не требало да му се случи. Затоа што животот е предвидлив само при од кон остварлива или догледна цел.
2.772.Ништо не му зборувај на оној што не се слуша ниту себе си, а камо ли да слуша други.
2.773.Животот се троши многу побрзо при мерење и броење на дните и ноќите, одошто при спокој во дела создавање.
2.774.Се фатиле на оро безнадежноста и песимизмот, та играат заедно со минливоста и рамнодушноста. А животот ниту им пее, ниту им свири , туку само молчи и се дума колку има од сторено несторено.
2.775.Од доцна до предоцна се стасува многу побрзо одошто од рано до порано.
2.776.Само додека менуваме неминовно се менуваме.
2.777.Кога се креваш угоре или паѓаш удолу средината е се подалечна, ама и се подамнешна и се повеќе во заборав.
2.778.Го заборавам она што што ме одминува, го надминувам она што крај мене минува.
2.779.Обичен, секојдневен, со ништо изделен, дребен и минлив.
Во младост семоќен, во старост снеможен.
Од љубов страден, со доверба и надеж од Бога награден.
Во беспокој креван и во сомнеж уриван од малкумина горе и многумина долу.
А сигурно; единствен и голем, недостижен и секоми што за вредно и безмерно знае ближен.
Со изгор, со непрегор, со дело во молк и збор.
2.780.Заборав:
Помеѓу мене и тебе празнина што станува се поголема и подлабока како ни оди во неврат времево.
2.781.Умните луѓе не треба да ги следиме, туку од нив да учиме. Тие не сакаат да водат или да бидат водени, туку да слободат.
2.782.Од што подалеку се мило и драго е поблиску.
2.783.Имало и има големи луѓе кои незабележливо се повлекле во својот свет или исчезнале од светот на минливоста. Бедни, дребни и никому потребни.
2.784.Да владееш и да работиш е исто за оние што создаваат и градат.
2.785.Не можат да бидат добри соседи оние што немаат ништо заедничко.
2.786.Ништо не ми значи признание од суетни луѓе. Ги сожалувам оти конечно не можеле на себе си да си го доделат.
2.787.Лесно ранлив е секој што не создал сопствен систем на одбрана од оние што напаѓаат други.
2.788.Колку повеќе стереотипи, толку поголема временост. Вонвременоста е во оригиналноста- единственоста.
2.789.Со мудрост не се поразува глупоста, туку таа се маргинализира и унижува.
2.790.Да бидеш понапред од своето време, тоа значи да си и во времето на оние што стојат пред тебе на крстопат и се мислат каде натаму.
2.791.Од раѓање до смрт растење за некогаш постоење.
2.792.Глупоста е неограничена кога иде од ограничени луѓе, а мудроста безмерна кога со дејание и дело ја докажуваат умни.
2.793.Спокои сознанието дека нешто од твоето дело се препознава во на други.
2.794.Одбрана на личноста:
Јас и ти да сме и кога сме ние.
2.795.Мислата ми е дека залудно се трудиш да го досознаеш светот во сета негова пројавност, па треба конечно да прифатиш оти и без тебе ќе продолжи да му се открива на оној што е во него.
2.796.Оној што не ти го признава идентитетот, не заслужува почит, ами најдлабок презир. И не да си кога било со него, ами секогаш скраја од него.
2.797.Снаодливи се оние што навреме ја разбрале и прифатиле минливоста на животот. Дека тој треба да се соживува и доживува, а не да се преживува и одживува.
2.798.Никогаш не е предоцна за се, туку само за нешто.
2.799.Во дејанието и делото се препознава личниот идентитет.
2.800.Ако сме биле заедно некогаш, мора да имаме нешто заедничко засекогаш.
2.801.Твоето време забрзано се троши додека стоиш в место.
2.802.Покажано, докажано, па откажано. По закажано или прекажано.
2.803.Со мака наука, поука и одука.
2.804.Најдолга болештина од немоќ или поразија.
2.805.На оној што не те есапи ни за жив ни за мртов два пати да му се покажеш и три пати да му се докажеш нема да те познава, а нема ни да помисли да те запознава.
2.806. За незаборав: разделба по делба.
2.807.Темелно знаење е само сопственото сосе знаењето на други.
2.808.Од многу што било поминало, а од се што е не минува дури има уште за помин.
2.809.Воздржаноста е нужна кога е се можно да се случи и еднакво важно да се промисли.
2.810.Мојот збор во песна секогаш недозбор.
2.811.Амбицијата не ја намалуваат годините, туку живеачката и можностите за самодокажување.
2.812.Љубовта е секогаш со тебе или на чекор пред тебе. Зад тебе никогаш.
2.813.А што ако не им простиш на оние кои знаат што ти прават, без оглед на последиците? Ќе останеш само на непростено или ќе се одмаздуваш? Знаеш дека одмаздата има почеток, ама нема крај?
2.814.Со достоинство се достојува на нозе, а уште со самопочит, самодоверба и самостојност се чекори цврсто и непоколебливо напред.
2.815.Воопшто не е тешко да застанеш, да запреш, да престанеш, па да продолжиш потоа. Тешко е пак да почнеш продолжувајќи.
2.816.При доволност секогаш може повеќе.
2.817.Може да предвидува- антиципира реално или точно само оној што темелно анализира и синтетизира.
2.818.Не замолчувај додека те премолчуваат!
2.819.Мојот свет само за добронамерни, со ведар дух, спокој и достоинство.
2.820.Само оние кои знаат дека опстојот зависи од континуитетот, осознале дека што ќе не може без што било и што е.
2.821.Ниту да се брои, ниту да се мери она што сум го создал и го создавам. Можеби само да сведочи дека сум имал свое време во време и невреме.
2.822.Трпението не издржува навреда, премолчување и омаловажување. Ако успева некое време, конечно го поразува недовербата.
2.823.Само универзалноста и безвременоста ја потврдуваат вредноста на едно дело.
2.824.Стеротипот го приземнува и назадува животот. Борбата против него го напредува и возвишува.
2.825.Па, можам да докажам дека од се што оставам нешто сигурно ќе остане во трагата од времето како сведоштво на моите лични устреми и снеможења.
2.826.Со никого не се согласувам да сме согласни во се.
2.827. Секогаш помалку автори од авторитети. Секогаш повеќе авторитети без авторство.
2.828.Животот е политика, ама тешко и на политиката кога ќе стане живот.
2.829.Не сум од оние што на се гледаат со отворени очи. Замижувам особено при умора од насрченост на злонамерници.
2.830.Да почнеме штом некој во меѓувреме успеал да не запре.
2.831.Најголеми задоволства во животот се оние што не зависат од други.
2.832.Ако сака, човек секогаш може повеќе од што мора. Па и кога ќе снеможи.
2.833.Не секогаш, а често во животот неразбирањето предизвикува недоразбирање.
2.834.Оние што биле со мене, а веќе не се- всушност не биле.
2.835.Она што го знам е секогаш за проверување и докажување.
2.836.Почитувам дела на други не како еднакви на моето, туку како созданија во мојот систем на вредности.
2.837.Денес е различно од вчера, а најмногу од нас да зависи колку утре ќе биде исто како денес.
2.838.Се што реков не одрекувам, без оглед колку некого горат или студат, колку беспокојат или рамнодушат моите зборови.
2.839.Секој миг на спокој и ведрина во животот е секогаш заедно со миг на љубов и доверба.
2.840.Искрено жалам ако некому му здодеало моето присуство до него, пред него или зад него. Најлесно ќе му е да ме одмине не погледнувајќи ме или не догледувајќи ја мојата сенка.
2.841.Смртта ожалостува, разделува, но и доближува и оддалечува.
2.842.И живеачката и умирачката се за мигум постоење и во свое време опстојување.
2.843.Умноста не е проблесочна, ами стамена, докажана, секогаш за проверка и дополна.
2.844.Не брзајте со промените кога мнозинството не е подготвено за нив. Може брзо да ве сменат.
2.845.Не си помалку виновен од оние што те сомничат, а не ти го осудуваат, те обвинуваат, а не ти го спречуваат делото.
2.846.Секој во текот на животот или на крајот од него се соочува со минливоста на сопствениот непокор.
2.847.Колку повеќе немир и сомнеж, толку помалку одмин и зароб.
2.848.Кога не можете многу, сигурно можете доволно...за себе, а можеби и за други.
2.849.Многу од смисленото од мене е за домислување. Од реченото, пак, се за дорекување.
2.850.Со годините со некого се помалку, а сам со себе се повеќе.
2.851.Не жалам за пропуштеното, неискористеното, неосвоеното, а ниту за времето што сум го потрошил на минливости, безначајности и баналности. Оти се неодминлив дел од секојдневјето на животот.
2.852.Она што го оставам за сработување или доработување утре е само поради умора или потрошено време.
2.853.Немерно ми е задоволството кога создаденото е за мене продолжение на создавањето.
2.854.Не е важно дали е мало или големо моето дело во творештвото на кое му припаѓам, туку дали е препознатливо со достојноста и дејственоста во него.
2.855.Ги паметиш оние што ти нанеле зло? Не спомнувај ги!
2.856.Вреди да се бориш за она што ти припаѓа или си го заслужил, без оглед дали ќе се избориш или не. Особено кога ќе помислиш колку на колкумина им припаднало од други или не го заслужиле.
2.857.Не очекувај да те признае за голем, важен и вреден оној што не е на вистинското место во вредносниот свет.
2.858.Додека одиш кон догледна цел внимавај да не те следи нечија туѓа сенка.
2.859.И молкот си го разбираме кога сме од збор.
2.860.Се почесто се наоѓам себе си како ми се исто денот и ноќта во умора или одмора. Веројатно е тоа од се поголемата истост на годините.
2.861.Самотење:
Секој со свои маки, грижи и проблеми, но и со туѓи. Заедничките најмалку на број.
2.862.Само спомени можат да не вратат во одминато време сосе нашево сегашно.
2.863.Предизвик е да се сомневаш во од тебе создадено.
2.864.Не и треба признание на која било вредност. Секогаш и треба критичка промисла и споредбеност со други.
2.865.Не можеме вака потаму:
Од мене пишано- од тебе бришано- од мои препишано. Од тебе пишано- од мене допишано- од твои отпишано.
2.866.Жалам што ме заборави пред да ме запознаеш. Се радувам што ќе те паметам колку што те запознав.
2.867.Ми требаш секогаш во непочин време.
2.868.Кога ја зборуваш вистината, ништо не премолчувај од неа.
2.869.Смртта не е во животот, туку крај него или зад него.
2.870.Ништо неучено и неопитно не оди лесно. Учено и опитно за сите од полесно до најлесно.
2.871.Во твојот вредносен свет да има малку просечности, а многу единствености.
2.872.Кој се сомнева проверува, кој не се сомнева одмерува, реди или разредува.
2.873.Ако си во дилема дали да продолжиш или да запреш, имај предвид дека нов почеток е можен само ако е целта догледна или достижна.
2.874.Бев колку што било од мене. Сум за да е нешто за нас од се.
2.875.Недовербата го снеможи чекорот напред и го забрзува индивидуалниот неуспех.
2.876.Слушај други што кажуваат повеќе од што ти кажуваш. Може нешто нивно да биде од тебе за докажување.
2.877.Не го прифаќам молкот кога имаш што да кажеш, прекажеш или докажеш. Значи дека не ме слушаш, ниту сакаш да ме послушаш.
2.878.Слободата е најнапред во правото на избор.
2.879.Умноста против неумноста и безумноста, мудроста против глупавштината и улавоста.
2.880.Бев и сум, а твоето дали се уште зависи од што.
2.881.При секое дејание или создавање треба да се има на ум дека неуспесите го сиромашат, а успесите го богатат животот.
2.882. Им се извинувам за предизвикот од моето творештво на оние што се обидуваат, а никако не успеваат да ме стават на маргините од својот живот или во минливоста на своето време.
2.883.Искреноста е чиста, невина, неретко наивна, ранлива, неретко болна, неретко кобна. За разлика од неискреноста која е секогаш валкана, безлична, бесрамна, безусловна, најчесто пакосна, најчесто злокобна.
2.884.Емоциите најмногу ги бранува пронајдена внатрешна убавина.
2.885.Немам објаснение за многу нешта и така треба да биде. За предизвикот да ми биде постојан, доживотен.
2.886.Сум со оние кои со мене сакаат да споделуваат жалости и радости, сомнежи и надежи, искрености и доблести, љубови и почитанија, созданија и сознанија.
2.887.Назадок: живот со најпродавано од се.
Напредок: со знаење и труд за вредно со се друго такво.
2.888.Каде ми е местото во сегашнинава и утрешното минато? Со вас, пријатели најблиски, блиски и далечни. Се надевам заслужено.
2.889.А на крајот сигурно само едно: малку создадено од мене, многу за досоздавање и пресоздавање од други.
2.890.Само јас и никој друг? Само понекогаш.
2.891.Во твоето мислење и твоето дејание треба се да е умно или поткрепено со опитност. Нешто научено, нешто учено- неодучено, нешто градено- недоградено, ама ништо бесцелно.
2.892.Самоконтрола и во самодокажувањето!Ниту пребрзо, ниту пребавно- ниту предоцна, ниту прерано.
2.893.Може ли нечиј замин да остане незабележан или непочувствуван од нас? На оној што никогаш не се нашол на нашиот пат.
2.894.За напред си ако секогаш има нешто што допрва ќе го докажуваш.
2.895.Најдрагоценото што ни останува од минатото: времето поминато со свои на своето.
2.896.Објава:
Не ме барајте помеѓу оние што не знаат или не сакаат макар нешто најмало да споделуваат со други. Ниту некогаш сум бил со нив, ниту некогаш ќе бидам.
2.897.Тешко, но најдобро во секое време: знаен, а непознат.
2.898.Во миг на слабост, помисли колку е лесно да се поразиш себе си кога се други слаби пред тебе.
2.899.Вредноста се урива, се унижува се ништожи кога се случува егзистенцијална загроза.
2.900.На мака треба да знаеш како да ги препознаеш јунаците.
2.901.Сигурен успех во бизнисот: млади опкружени со зналци возрасни и искусни.
2.902.Подарете си мигови на радост и задоволство секогаш кога ви е најтешко. Можно е? Се разбира, и во самота и со други.
2.903.Што помалку доживувања што треба да се преживеат.
2.904.Кога- тогаш ќе ти дојде да се прашаш дали создаваш нешто за долго паметење.
2.905.Твоја е конечната победа кога вистината е твоја.
2.906.Голем си со чесност, совест и доблест.
2.907. Најнапред:
Професионалецот не дозволува да биде (из)манипулиран од кого било.
2.908.Кога ти е важно на чија страна си, а не можеш на сечија или ничија, тогаш секако си страничен и ограничен.
2.909.Нема успех во работата кога не ја работиш повеќе од задоволство одошто од обврска.
2.910.И форма и содржина, но попрво: форма во содржина, содржина и без форма.
2.911.Изневерата од близок роднина или пријател е голема поразија во животот, што може и да го убие.
2.912.Единствен и свој наспроти многу исти и нечии.
2.913.Злонамерници и пакосници околу тебе секогаш повеќе одошто со љубов и добрина за тебе.
2.914.Праведниот:
-Неправдите кон тебе се секогаш поголеми од оние што ти им ги правиш на други.
Неправедниот:
-Ама јас спрема никого не сум неправеден.
Праведниот:
-Ти така мислиш, а друг треба да докаже.
2.915.Минатото го создава сегашноста за да имаат заедничка иднина.
2.916.Секое рождетство гасне штом ќе згасне домашното огниште.
2.917.Во туѓ живот се влегува за сосе својот да се споделува.
2.918.Само со доследност и посветеност се стасува на која било цел, сеедно мала или голема.
2.919.Пред тебе никој, зад тебе секој, со тебе што повеќе.
2.920. Некогаш многу, никогаш малку, секогаш доволно.
2.921.Малите омаловажуваат, големите почитуваат и вреднуваат.
2.922.Грешките во животот се многубројни, многу повеќе личните што не ги признаваме одошто оние од други и на други што ги осудуваме.
2.923.Секој, каков било долг тешко се враќа. Особено кога враќањето се одлага (пре)долго.
2.924.Прво здравје, па од него, па по него љубов и дело, ведрина и рожба, спокој и задоволство, достоинство и доблест.
2.925.Желбата и надежта се еднакво големи помеѓу старото, преживеаното, одминатото и новото, очекуваното, штотуку започнатото.
2.926. Минатото и иднината во опстојот, сега и овде во животот.
2.927.Се што си посакуваме помеѓу себе да биде од срце-искрено, со љубов и надежно.
2.928. Можеме напред најнапред со самопочит и меѓусебна почит.
2.929.Ако умеете да се насмеете кога не ви е до смеење, умеете да насмеете други.
2.930.Во секој нов ден зад нас да се празнината, самотијата и поразијата, а пред нас добронамерноста, делотворноста и доследноста.
2.931.Се разбира дека не може нешто да биде убаво за сите, ама вредно и безмерно секако.
2.932.Не стој настрана кога не си на ничија страна.
2.933.Грешките што не можат да се поправат не се за простување, ниту за заборавање.
2.934.Во се речено има нешто недоречено што допрва ќе треба да се рече. Ако во меѓувреме не се одрече.
2.935.Против лицемерието со достоинство и дело.
2.936.Не барај помош ако не знаеш како може да ти се помогне.
2.937.Само вредноста го затврдува како големо или мало значењето на правеното и направеното во животот.
2.938.За (про)паднатиот политичар и употребата и злоупотребата на оние со него- под него се во корист на сопствената штета.
2.939.Има разбирачка за се кога е целта заедничка.
2.940.Важните одлуки се секогаш со последици за сите. Многу поголеми, подлабоки и подолготрајни за оние на кои се однесуваат, одошто за оние што ги донесуваат.
2.941.Беше, замина, го нема. И никому ништо. А што ако некому нешто?
2.942.И минливоста има вредност ако е забележана, запишана или затврдена со збор и дело.
2.943.Докажаното не се докажува одново, туку постојано се продолжува.
2.944.Не може се од тебе да биде како што посакуваш, како што настојуваш, да биде вредно, предизвикувачко, поттикнувачко. Ама мора да биде достојно за доверба и почит.
2.945.Да му се радуваме на животот што во секој миг ни ја богати свеста за сопствениот опстој и мислата за дела дури е наше времето.
2.946.Колку повеќе се навраќаме на личното минато, толку побрзо минува нашето време.
2.947.Се разбира дека грешки во животот правиме сите, ама за сега и овде е најважно колку од нив се големи, решавачки, пресвртни, со претешки или долготрајни последици.
2.948.Сам во се правено- недоправено е многу помачно, понеразбирачко и попоследично одошто заедно со други.
2.949.На крајот само спомен што бледее до исчезнување.
2.950.Политичарот најмногу треба да се варди од некадарните и бездарните со него, а против други.
2.951.Се менуваме за да менуваме не се, туку малку наше и многу на други.
2.952.И големите и малите, и добрите и лошите, и болните и безболните, и лесните и тешките, и слатките и горчливите, сите искуства се патокази на крстопатот на животот за избор и приклученија.
2.953.Заробениот ум е најнемоќен и најбеден пред слободниот.
2.954.Говорот е најдолг, најпразен и најнеразбран без соговорник.
2.955.Прво здравје, па се друго како иде, подзапира или стои в место.
2.956.Љубовта треба да се живее откако ќе се доживее.
2.957.Спокојот е секогаш најсилно загрозен од оној што е безразложно против други.
2.958.Првиот зароб на човекот, од кого умноста мора час поскоро да го ослободи, е духовниот. Зашто е најдолготраен, најнеподнослив и најтрагичен.
2.959.Што оти знаеш кој се сработил и работи против тебе штом не можеш да возвратиш? А зошто кога би можел? Имаш одвишно време и енергија да ги потрошиш за тоа?
2.960.Скромноста за достојни, искреноста за доблесни, чесноста за доследни луѓе.
2.961.Не да имаш повеќе од други, туку доволно секогаш.
2.962.Во мислата, зборот и делото се препознава сечие лично творештво.
2.963.Креативниот дух не може ниту во рамки, ниту во калапи.Оти е безвремен и бескраен.
2.964.Денес ништо поважно, туку еднакво да читаш, да слушаш, да гледаш. За што повеќе да разбираш и да знаеш.
2.965.Во секој и сечиј говор има празни и полни зборови. Празните треба да се користат што помалку, се додека во нив не се соберат доволно знаци и симболи, а полните секогаш кога се докажува умност и дострел на создавањето.
2.966.Површното, маргиналното, минливото е секогаш на почетокот, па брзо отстапува само или го поразува длабокото, вкоренетото, безвременото.
2.967.Не можеш да бидеш чекор понапред од други ако не чекориш цврсто, сигурно, непоколебливо, достоинствено, со крената глава, и ако чекорот не е само твој.
2.968.Со своите очи в очи, со туѓите напоречки.
2.969.Поразително:
Се повеќе се на број оние помеѓу нас кои немаат време ниту за себе, ниту за други.
2.970.Жално е кога почнуваме да жалиме за пропуштеното и неповратното во животот дури откако ќе се соочиме со смртта.
2.971.Самодовербата ја затврдува и продолжува вербата.
2.972.Помогни му и на оној што мисли дека помош не му треба.
2.973.Потрошувачкото општество го турка човекот во материјално богатење и духовна беда.
2.974.Големите не поднесуваат да бидат помали од малите со тоа што ќе доживеат тежок пораз, па со сите сили и со секакви валканици се обидуваат навреме да го оневозможат.
2.975.Емоциите никогаш не молчат, ниту можат да се скријат.
2.976.Нема успех во што било ако играш не своја, туку туѓа игра.
2.977.За која било и каква било грешка или штета вина прво барај во себе, а потоа во други. Доколку си чесен пред себе си.
2.978.На млади години секое ново дело е прво, а на стари секое ново последно.
2.979.Во љубовта никогаш никој никого не поразува, туку со неа се победува минливоста и безначајноста на животот.
2.980.И без пријателите си со нив. Со оние вистинските.
2.981.Кој не искусил, не може ниту да знае, ниту да замисли или предвиди.
2.982.Добро е да знам за тебе колку може повеќе кога веќе доволно знаеш за мене.
2.983.Малите грешки стануваат големи кога се повторуваат.
2.984.Не се оптоварувам со мислата дека нешто од мене кажано не е најправо, а неретко и ми фалат зборови за докажување. Зашто знам дека кога-тогаш некој ќе се најде да го поправи и дозбори.
2.985.Не ја намалуваат творечката енергија годините. Тие се повеќе ја спокојат и препознаваат.
2.986.Можеш повеќе се додека не си задоволен од постигнатото- достигнатото.
2.987.Помагањето и споделувањето го напредуваат животот, а завидливоста и зависноста го назадуваат.
2.988.Не треба многу време за рзговор и преговор кога е нужен договор.
2.989.На политичарите им е најлесно да манипулираат со колективните чувства.
2.990.Радоста од чиј било успех споделувај ја, жалоста од сечиј неуспех не оставај ја да порази.
2.991.Продолжението зависи од почетокот, а не од крајот.
2.992.Создадените дела темелат, а делата за создавање и пресоздавање возвишуваат.
2.993.Не се промислува сегашност без минато. Исто како што не се создава денес без домислено утре.
2.994.Само бедни духови ги навредува исмевањето, иронијата, сарказамот, гротеската или карикатурата.
2.995.Постојано ново откриваш околу тебе и пред тебе, а многу откриено сокриваш пред сите за да те откриваат.
2.996.Умноста е за умни луѓе при секое дејание и со секое создание.
2.997.Примитивизмот и простаклакот предизвикуваат омраза и нечовештина.
2.998.Ниеден туѓинец не може да го угасне домашното огниште.
2.999.Вистината секогаш победува на крајот зашто е една и единствена, полувистините пред неа се многу на број, а лагите околу неа недоброј.
3.000.За постојност, опстојност и устрем ако не се, тогаш најмногу ново создадено или направено од тебе за тебе и за други.