Постоење помеѓу раѓање и смрт

Печати

Abstract artПостоењето на човекот помеѓу раѓањето двапати и смртта двапати е единствено во создавањето едновремено сосе творечкиот неспокој и творечкиот сомнеж.

Да, не може живот со дело без ука и поука, но секогаш во друштво со креативни духови. Во името на вербата, довербата, надежта и љубовта.

Раѓање и смрт
(Двапати како постоење.)

Човек се раѓа двапати- како плод од семе и во свое време, и двапати умира- како свеќа со последен здив и во длабок заборав.

Творечкиот неспокој и творечкиот сомнеж
(Едновремено во создавањето придвижени од позитивна енергија.)

Еднаква е поттикнувачката вредност на творечкиот неспокој и творечкиот сомнеж во дело во создавање. Во креативниот дух едновремено ја придвижуваат позитивната енергија потиснувајќи ја, дури обезвреднувајќи ја негативната. А над се ги богатат неговиот идентитет, интегритет и достоинство.

И ука и поука
(Едноставно да се има предвид во секоја и секаква лична состојба и ситуација.)

Ука нека ти е сопственото, поука туѓото искуство.

Со креативен дух
(Да се биде во друштво со него е се лесно, благородно и благодарно.)

Највозбудлив, но никогаш лесен, брз и кус е патот од идеја до реализација кога се минува во друштво со креативен дух.

Верба и доверба за надеж и љубов
(Се разбира едните во други за опстој на другите во нас.)

Без верба во себе и доверба во други ниту опстојува надежта во нас, ниту се раѓа љубовта.

Ај со добра мисла нека ни е денов, а и ноќта по него.