Ни треба реч речовита за речта да ни се слуша чита, да ни се слуша или чита. А и да ни се гледа. Да, таква наша реч се гледа исто како сончев зрак на изгрев, исто како искра љубов во зеница.
Ни треба збор недозбор, дозбор, презбор за зборот да ни биде силен, моќен, достоен, доблесен. Силен за да сме си свои пред секого, моќен за да не научат кои сме и што сме оние што од петни жили се обидуваат да не замолчат, а се потешко им е наше дело, наше возвишение да одмолчат. Достоен со него во кое било време да достоиме, доблесен пред невреме со ветришта и црни облаци да бидеме гордо исправени како секогаш.