Бидејќи јарето* му го изнашло на деда Ноја грозјето, беше собрал Нојо еден цел кош сопрво и откога се изназобал арно, зел та го истискал, тоа што му останало, во една голема црпка и си напраил шира.
Пил што пил од ширата, дури била блага, ништо лошо не сеќааше. По неколку дни беше се скиснала ширата и беше се сторила јако вино. Без да знаит сиромаио дедо Нојо оти ќе го опиет виното, беше се изнапил на сермија и беше се опил многу лошо. Паднал наземи, се изблул, се уваљал од врв глава до петици. Разгаштен, распасан, црна страмота беше се напраил, со месата надвор беше ти лежал.
На тоа згора, ете и двајцата му синои дошле од некаде и го виделе таков.
-Море што вака татко, бре брате?- му рекол еднио на другио. -Зер се поболил нешто?
-Можи, можи брате- му рекол другио- да се поболил, луѓе сме. Земи, земи едно алиште да го покриеме да не настини нешто, да да му биди после полошо.
-Арно велиш, брате, рекол првиот.
И зеле едно алиште и го носиле пред себе, та му го врлиле на него згора и го покриле и си отишле по работата.
По некој саат втасал треќиот син на Нојо и кога го видел татка си паднат наземи и извалкан сиот како никој нигде, чунки пак беше се открил, многу беше се изгнасил од него:
--Пту бре, стар да неразбран, што така си се огологазил и си се огнасил! Ја не го страм да му бидит, за резил се напраил!
Тие и многу уште лоши зборои му рекол стреднио му син на дедо Ноја.
При се што беше пијан Нојо, сите зборои беше `и чул и од двата му синои и од треќио му син. Лежал што лежал Нојо пијан, му разминало пијанството, отрезнал и станал. Се измил и се очистил убаво, та седнал на столот, `и повикал синои си пред него и им рекол:
-Синковци бре, ме видовте сите тројца паднат наземи.
-Те видовме, татко- му рекле.
-Не знаејќи јас силата од водата што ја истискав од грозјето, се напив поеќе и се опив, та паднав наземи, застрамен од секој што ме виде. При се што бев таков, двајцата од вас ме пожаливте и ме покривте, да не се гнасат светот од мене. Вие, синковци, да сте ми блaосоени и чесни на веков! А ти синко (му се сврте откај треќиот), што се изгнаси од мене, и од тебе да се гнасит светот; ти што ме страми и ме резили мене, светот да те страмит тебе и да те резилит. Ето тој ти е, синко, блаосоот од мене!
Пијаниците, резилите, црните и темните луѓе на веков што сет, сите биле од сојот на треќио му син на деда Ноја, што го проколнал кога се опил. Едни сакаат да кажат оти Еѓупците биле од негоиот сој, дури и Арапите ѓоа биле од тој сој.
_______
*Едно јаре кога се враќало навечер кај дедо Нојо, играло пред стадото како да било лудо. Едно утро отишол Нојо по него каде што пасело, го видел на еден камен да се качува на една лоза со прездрело грозје и јарето јало од грозјето. Јарето му дало повод на Нојо да го најди грозјето.