Еден богат чорбаџија, и малку чалнат што бил во умо, беше тоарил една вреќа пари на едната страна на самаро од коњо и на другата тој беше јавнал, да страни со парите.
Патуајќи чорбаџијата, дошол до некоја чешма и запрел коњо до чешмата да се напие вода и да поседи под сенките што имало тамо.
Седел некој сиромав чоек тамо, и му викнал чорбаџијата да појди да му поткрепи за да слези. Откоа поседел чорбаџијата, дури му втасало, па го викнал сиромаио да му поткрепи да се качи. Гледајќи сиромаио оти глупаа работа праи, му рекол:
-Чорбаџи, заошто вака ја тоараш вреќава со пари на една страна, да не можиш раат да вјаваш на коњо?
-Ами како да `и тоарам, бре чоек?- му рекол чорбаџијата.
-Ами врзи му јако устината на вреќава и раздели `и парите на две страни, преврли `и преку самаро како дисаги и јавни си очекорен на коњо- му рекол сиромаио.
-Браос, бре чоек, што ти текна!- му рекол чорбаџијата и го натерал така да ја напраи вреќата.
Си го очекорил коњо и си тргнал по пато. Одил до некое место и му текнало за сиромаио што му казал така за парите.
„Ја чекај да се вратам- си рекол зависливио чорбаџија- и да го прашам чоекон што ме научи вака за да си вјаам, кој знаи колку е богат, оти ваков ум има у богатите, а не во сиромасите“.
Така премислуајќи си, дупнал коњо и се вратил при сиромаио:
-А бре чоече- му рекол- ти што ми го кажа овој маривет, треба да си многу богат.
-Ха, ха, ха- се изнасмеал сиромаио.- Госпо ни е богат, чорбаџи, а ние сме сиромаси, аргати луѓе- му рекол.
-Бре! Да сиромаси сте биле ха- му рекол чорбаџијата наврекнато и слегол од коњо- ела вамо бре, да растоариме, оти јас од сиромав ум неќум!
Отишол сиромаио при коњо од богатио и растоарил вреќата со пари, и му ја тоарил на едната страна, како што му беше тоарена од негоио богат ум, и се качил настрана, како жените што јават во Немечко, и си ошол.