Мојата пријателка живееше во луксузно и вкусно опремен стан. Тоа ме изненади кога првиот пат отидов кај неа. Никогаш не ми кажувала за стандардот на своите, дека нејзиниот татко минал години како амбасадор во богата земја и тоа му овозможило на семејството да му обезбеди живот на висока нога.
Мојата пријателка според ништо не се издвојуваше од нас. Беше втопена во нашата скромна живеачка. И со облекувањето и со однесувањето. Кога ја забележа мојата изненада само се насмевна и рамнодушно рече: „Ми пречи сево ова. Ништо не ми значи“. И верував.
Ништо толку не ми го привлече вниманието, колку многубројните слики на ѕидовите. Големи, мали, средни. Масла, графики, цртежи. Помеѓу нив и една карикатура врамена во златна рамка: таа со големи усни и широка насмевка, со големи очи и обетка која со својата тежина и го издолжила десното уво речиси до рамото. Во десната рака срце, а во него тажна маска.
„Тоа не е карикатура, тоа е слика, мошне вредна“,- почна да кажува за неа кога седнавме од спротива, во кожниот двосед.- „Мошне драг спомен. Иван се викаше. Извонредно надарен уметник. Ја завршуваше академијата кога се запознавме.
Никој не ме сакал толку силно како тој. Неверојатна љубов! Ниту да ме допре, а камо ли да се случи нешто намерно или спонтано помеѓу нас.
Не, воопшто не беше некој романтичен тип. Напротив, дури по малку грубо се однесуваше спрема пријателите. Мошне отворено и често непријатно покажуваше дека некој не му се допаѓа или не го поднесува.
Бевме мошне често заедно, а никогаш не разговаравме за нас. Одбегнуваше, освен дека му е убаво да биде со мене. Никогаш не пропушташе да ми го каже тоа.
Сликава ми ја подари кога реши да прекинеме. Дојде во друго време од вообичаеното и само рече: „Ова не си ти. Знам дека не ти се допаѓа. Се трудев да бидам друг, да бидеш ти на неа, ама никако не ми успеваше. Можеш и да ја фрлиш. На нашата љубов сега и е крајот“.
И оттогаш го немам сретнато. Разбрав дека е во Париз и добро му оди со сликите. Подготвувал самостојна изложба. Не знам зошто, ама од сите во станов оваа слика ми е некако најдрага. Знам дека сум јас. Како спомен“.
Зошто никако не ми успева да го напишам вистинскиот стих за неа?