Таа е единствен и специфичен народен музички израз во Босна и Херцеговина, со мошне долга и богата традиција. Некои едноставно ја викаат и севдах. Зборот доаѓа од турскиот „севда“- љубов, а со додавање на буквата х настанал „севдах“, од кого уште помрачен, потажен и пољубовен е „карасевдах“, краен стадиум на љубовен занес.
Според некои, потеклото на зборот е арапско- од арапскиот „sawda“, што значи „црна жолчка“ Имено, според верувањето на арапските и грчките лекари тој е еден од четирите елементи што го сочинуваат човечкиот организам. Бидејќи љубовта е причина за меланхолично расположение, извршено е нејзино поврзување со црната жолчка.
Севдалинката многумина ја дефинираат како босанска градска љубовна песна, првенствено на Бошњаците. Многу е популарна на балканските простори, а особено во Србија, Црна Гора и Македонија.
Се претпоставува дека настанала по османското освојување на средновековна Босна, кога се формираат првите градски населби. Во тогашните маала („махале“- градски квартови), наменети исклучиво за живеење, со куќи оградени со високи ѕидови, мошне се почитувала приватноста. Куќите се делеле на женски дел- „харемлук“ и машки дел- „селамлук“. Поради тоа жените биле заштитени од љубопитните машки погледи, па се развил многу поинтимен начин на живот од оној на село. Куќите исто така имале и бавчи и „авлии“- дворишта, со многу различни цвеќиња, а некои и со „шадрван“ (мак. шадрван или водоскок). Култот на водата, мошне раширен во Босна и Херцеговина, настанувањето на „махали“-те и развојот на интимниот начин на живот го условиле и настанувањето и развојот на севдалинката.
Нејзините автори се непознати- настанувале во народот и со генерации се пренесувале и обликувале, но во наше време се компонирани и авторизирани многу нови.
Од музички аспект севдалинките ги одликуваат лесно, бавно или умерено темпо (rubato) и богата хармонија, како и развиена мелодија со многу „мелизами“ (украси) што предизвикува меланхолично чувство кај слушателот. Со својата структура се мошне комплексни песни, набиени со емоции, а традиционално се изведуваат со доста страст и душевност.
Вокалниот изведувач често ги наметнува ритамот и темпото, кои можат да варираат во нивниот тек.
Во денешно време севдалинката обично ја изведува помал оркестар, кој може да содржи армоника (најистакнат инструмент во ансамблот), виолина (најчесто класична), гитара со пластични жици и/ или понекогаш други жичани инструменти, потоа флаута или кларинет, контрабас и барабан. Помеѓу строфите речиси секогаш може да се слушне соло на армоника или виолина. Меѓутоа, во својот изворен облик севдалинката се пеела во придружба на традиционалниот жичан инструмент саз или без инструментална придружба. Во придружба на саз ја изведувале исклучиво мажи, додека жените ја пееле без инструментална придружба, најчесто во куќите.
Текстовите на севдалинките се обично посветени на вљубувањето или несреќната љубов, но се опејани и многу историски личности, градови, реки, планини и настани.
Најистакнати вокални изведувачи на севдалинки во 20. век се Химзо Половина, Незад Салковиќ, Заим Имамовиќ, Сафет Исовиќ, Мехо Пузиќ, Зекеријах Ѓезиќ, Мухамед Мујкановиќ, Екрем Пилиќ и Омер Побриќ (еден од нејзините најголеми позначави), а помеѓу пејачките се вбројуваат Беба Селимовиќ, Нада Мамула, Зехра Деовиќ, Ханка Палдум и Силвана Арменулиќ.
Иако ја изведувале традиционални босански пејачи на народна музика, севдалинката ја прифатиле и музичари кои на овој жанр традиционално не му припаѓаат. Така, во текот на својата богата кариера севдалинки снимале и изведувале Јосипа Лисац (легендарната изведба на „Омер Беже“), Ибрица Јусиќ (со цел албум на севдалинки под наслов „Аманет“, издаден во 2003. година), Јадранка Стојаковиќ и Здравко Чолиќ, а се основа на неколку песни на загребскиот кантавтор Џони Штулиќ (неговиот бенд „Азра“ го добил името според стих од севдалинката „Ја се зовем Ел Мухамед/ Из племена старих Азра“).
Во 1990-тите во Мостар е формиран ансамблот „Mostar Sevdah Reunion“ и во текот на раните 2000-ти тој снима во нова верзија низа популарни босански севдалинки со што овој музички жанр го популаризира на светската музичка сцена.
Познати севдалинки: „Босно моја дивна мила“, „Вино пију аге Сарајлије“, “Да зна зора“, „Емина“, „Запјевала сојка птица“, „Звијезда тјера мјесеца“, „Јутрос ми је ружа процветала“, „Кад ја поѓох на Бембашу“, „Мујо кује коња по мјесецу“, „Не клепеќи нанулама“, „Ој дјевојко, џиџо моја“, „У лијепом старом граду Вишеграду“, „Снијег паде на бехар, на воќе“, „Тамбурало момче уз тамбуру“, „У Стамболу на Босфору“, „Што те нема“, „Зарасле су стазе моје“, „Крај танана шадрвана“, „Омер Беже“.