Прашања- одговори 19

Печати

Znanje-Опсидијан
-Називите на земјите во Персискиот залив
-Плута
-Флора и фауна во Кина
-Најстариот американски универзитет
-Првиот шаховски алманах

Што е опсидијанот?
-Тоа е цврста вулканска лава со сатклест изглед и црна боја. Овој тип на природно стакло се создал во екструзивните магматски стени со брзо ладење на лава збогатена со лесни материјали, а посебно со силикати, така што не се формиралe кристали.

Опсидијанот се наоѓа на разни локации ширум светот, во следниве држави и места: Ерменија, Мексико, Турција, Италија, Грција, Шкотска, Стаклена планина на северозапад на САД, Инјо кратерите во Сиера Невада- САД, Јелоустон- САД.

Вообичаено се наоѓа на краевите на риолитска лава, каде што ладењето на лавата е брзо. При кршење се добиваат погодни острици што луѓето одамна ги употребувале за сечива и ножеви. Освен тоа, опсидијанот некогаш се употребувал и како накит. Во Средна Америка, а посебно во Мексико, пред Колумбо опсидијанот се користел многу, пред се за алатки и како декоративен објект. Правеле и еден облик на меч или сабја со опсидијан ставен на дрво.

Името на овој минерал ( не е вистински оти нема кристална решетка; понекогаш се класифицира како минералоид) му е дадено според Римјанинот Опсидијанус, кој од Етиопија прв го донел во стариот Рим.

Денес се користи во хирургијата на срце, зашто опсидијанските скалпели се многу поостри од најквалитетните челици. Сечивата на тој начин стануваат тенки, речиси со молекурална тенкост, па резот е почист што предизвика побрзо зацелување и помалку лузни.

Називите на земјите во Персискиот залив
-Персискиот залив на Индискиот океан навлегува во копното на југозападна Азија 926 километри, со широчина од 180 км до 320 км. Неговата најголема длабочина изнесува 115 метри, а површината опфаќа околу 240 километри квадратни.

Во врвот на заливот се териториите на 4 држави: Иран, Ирак, Кувајт и Саудиска Арабија.

Иран во 1935. година се викал Персија, според името на Фарсите- народ на југот на државата или според санскритскиот збор парасах со значење коњ, односно коњаници. Подоцна овој назив е променет затоа што, како што тврделе некои, „го навредува националното достоинство“, па од санскритскиот збор ајра настанал називот Иран, со значење благороден.

Ирак на арапски значи низина или приморје, односно Обработена земја.

Кувајт, на арапски El- Kuvajt, значи затворање, односно затворено (место). Ова се објаснува со постоењето на португалска тврдина на тој простор во 16. век.

Саудиска Арабија се нарекува така според основачот на владејачката династија Сауд ибн Мухамед.

За плутата
-Плутата (phellem) е секундарно покривно ткиво на стебла и, поретко, на корен. Настанува со делба на ќелиите фелоген (се нарекува уште и плутин камбиум). Новонастанатите ќелии на плута подлежат на забрзана суберинификација на ќелиските ѕидови, поради што се во дефинитивна состојба: цврсто се меѓусебно споени, мртви и исполнети со воздух.

Плутата е ценета како материјал поради што растителните видови кои се произведуваат во поголемо количество се одгледуваат и експлоатираат плантажно.

Најголем производител на плута во светот е Португалија. Годишното производство се движи околу 120.000 тони, што претставува половина од светското производство на овој артикл.

Португалија е и прва земја во Европа според производство на шеќерна трска (на островот Мадера), а втора според производството на банани (исто така на Мадера), зад Шпанија која банани одгледува на Канарските острови.

Флората и фауната во Кина
-Разновидната клима влијаела во Кина да настанат голем број растителни и животински видови. Во оваа земја живеат голем број видови птици, што изнесува 13,4% од вкупниот број видови во светот. 

Во Кина живеат 400 видови цицачи и 420 видови ползачи и водоземци. Најпознати животни се џиновската панда, чпртавиот мајмун, белоусниот елен, речниот кинески делфин, кинескиот алигатор и крокодилот.

На далечниот североисток на Кина, каде што климата е мошне студена, преовладуваат четинарите. Брестовите шуми, шумите од јавор, липа, бреза, јасен, ги покриваат планините по должината на границата со Кореја, додека дабот и кинескиот бор растат на планините на полуостровите Лиаодонг и Шандонг. Натаму, на југ се простираат секогаш зелените раскошни шуми во кои може да се пронајде и по некој редок вид дрво од периодот на терциерот. Тропските шуми растат по должината на кинеската јужна граница и во крајбрежниот појас меѓу Јунан и Гунагдон. Огромни пространства под трева се простираат од север до средна Монголија.

Кој е најстариот американски универзитет?
-На денешната територија на САД најстариот универзитет го основал уште во 1636. година, за време на британската управа, англискиот свештеник Џон Харвард (1607-1638), во градот Кембриџ, сојузна држава Масачусетс. Според него е и наречен Храврадов универзитет.

Дури шест ипол децении подоцна е основан прочуениот Јејлов универзитет во Њу Хевн, наречен според својот основач Елихју Јејл (1649-1721).

Во текот на 18. век во САД се основани уште 15 универзитети, меѓу кои најпознати се Колумбија, Принстон, Пенсилванија и Џорџија.

Меѓутоа, на северноамериканскиот континент од Харвардовиот универзитет постар една година е Универзиетот на Свети Јосиф, во канадскиот Монтреал, на француското јазично подрачје. Оваа високошколска установа е основана во 1636. година.

Инаку, на европскиот континент најстари универзитети, основани на крајот од 12-от и на почетокот од 13-от век, се оние во Болоња, Оксфорд,Кембриџ и Париз.

Кога се појавил првиот шаховски алманах?
-Шаховскиот алманах е календар на шаховски настани кој одвреме- навреме се издава во одделни земји. Тој опфаќа текстови кои обработуваат разни теми од областа на шахот. Во тие книги обично се наоѓа и рубрика која бележи разни занимливости.

Се смета дека првиот шаховски алманах е издаден во 1848. година во Њујорк, под наслов „Шах за зимски вечери“. Овој алманах го составил Харолд Агнел (1799-1871). Овој зборник- алманах бил мошне популарен, па доживеал дури 14 изданија под различни називи.

Во светската шаховска литература особено се ценети три алманаси: „Московски шаховски алманах“, „Шаховски вечери“ и „Црниот крал“ (1903), кој ги издал журналот „Шаховски преглед“.