Светот би требало да се подготви за нова голема економска криза 2012-2013. година, се наведува во извештајот на ОН под назив „Стиуацијата и перспективите во светската економија“.
Според мислењето на авторите на документот, најголемите ризици се невработеност и финансиски проблеми во САД и ЕУ. Него секоја година го составуваат експерти од низа агенции во рамките на оваа светска организација.
Од друга страна, земјите членки на Групата 20 (Г20) на најмоќни стопанства на светот постигнаа договор за неопходност од зголемување на финансиските средства на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Министрите за финансии и претставниците на централните банки на членките на Г20 на самитот во главниот град на Мексико, кој од 1. декември 2011. председава со таа групација, го разгледаа барањето на ММФ за зголемување на средствата на таа главна светска финансиска институција за 500 милијарди долари. На тој начин таа би обезбедила средства за побарувањата на земјите членки поради надминување на економската криза во зоната на еврото, што претставува закана за целата светска економија.
Директорот на Управата на трезорот на Мексико Жерардо Родригез на конференција за новинари по самитот нагласи дека на собирот е водена само „концептуална дебата за зголемување на ресурсите на ММФ и оти нема договор за бројки, ниту за какви било поединечни побарувања“.
„Дискусијата за различните методи на обезбедување на средства за додатно пополнување на фондот на ММФ подразбираше само општи прашања како што се квотите, најраспространетиот начин на финансирање, и билатералните позајмици“, додаде Родригез.
На состанокот на Г20 станало збор за дневниот ред на работата на групата во текот на претседавањето на Мексико, кој се состои од 5 главни точки помеѓу кои се јакнење на системот на финансирање и подобрување на меѓународната финансиска структура.
Исто така, италијанската влада усвои план за либерализација на стопанството на земјата. Владата на премиерот Марио Монти донесе одлука на состанокот кој траел повеќе од 8 часа секторите на такси превозниците, фармацевтите, јавните превозници, дистрибутерите на нафта и гас, слободните професии, службите на осигурителните друштва, банкарските службеници и уште многу други да бидат поотворени за конкуренција, што е во согласност со Монтиевиот план за економско опоравување на земјата. Во планот за новите мерки на штедење, што е усвоен на крајот од декември 2011. на предлог на Монти избран месец дена претходно, се предвидува пред се зголемување на бројот на лиценци за таксистите, фармацевтите и нотарите, или укинување на минималните тарифи на адвокатите и нотарите. Од почетокот на мандатот тој се залага за борба против протекционизмот, застапен во сите категории на општеството во Италија многу повеќе одошто во останатите земји на ЕУ, и ја истакнува неопходноста од поттикнување на здрава конкуренција и поголема вработеност на помладите жители.
Мерките на штедење во комбинација со бавниот стопански раст го зголемуваат ризикот од рецесија во Италија во 2012. година.
Советникот на ММФ Роберт Шапиро во октомври минатата година изјави дека на европските и светските банки за две до три недели ќе им се случи досега невиден финансиски колапс, рецесија полоша од онаа во 2008. година, доколку не се реши прашањето на грчкиот долг и финансиски разнишаните банки во Европа.
„Не зборуваме за некои мали банки, туку за најголемите финансиски организации во Германија, Франција и Велика Британија. Бидејќи се тие поврзани со релевантни банки ширум светот, не очекува крах на банки во САД, но и во Јапонија“, предупреди Шапиро.
Тој изјави дека не очекуваат најтешки денови, рецесија полоша од онаа што се случи пред три години од која светот се уште не се опоравил:
„Ова ќе биде криза многу посериозна и поголема од онаа во 2008. година“.
Дека ситуацијата е критична потврди и Ангела Меркел, која во име на Германија апелираше до партнерите на ЕУ под итно да го докапитализираат банкарскиот сектор за да го спречат ширењето на должничката криза во еврозоната.
Дали згрешија или само го „промашија“ периодот, односно избрзаа со најавата на новата криза?
Тогаш се јави и познатиот американски финансиер Џорџ Сорос:
„Финансиските пазари „го вртат“ светот кон нова Голема депресија со низа политички последици“.
Контроверзниот бизнисмен, кој се збогати со трговија на пазарите на девизи, во авторски текст објавен во лондонскиот „Фајненшл тајмс“ изнесе мислење дека владите, посебно во Европа, ја изгубиле контролата над ситуацијата, а што бара брза реакција, и предлага три решавачки чекори.
Како прво, владите членки на еврозоната мораат во принцип да договорат основање на заедничка каса за еврозоната. Во исто време големите банки би биле ставени под контрола на Европската централна банка (ECB), која би ги гарантирала нивните обврски и би спровела нивна докапитализација. Како трето, ECB мора да им дозволи на земјите како што се Италија и Шпанија да ги рефинансираат своите кредити со мошне ниски камати.
Овие чекори, смета Сорос, ќе ги смират пазарите и ќе и обезбедат на Европа време да разработи стратегија на раст, без која не може да ги реши своите должнички проблеми.
Тој предлага и практична реализација на своите предлози. Со оглед дека постигнувањето на општоевропски договор за заедничка каса може да се оддолжи, за време на преговорите земјите членки на Европската унија мораат да побараат од ECB да го пополни вакуумот.
Неопходно е основање на нова меѓувладина агенција која на Европскиот стабилизационен фонд (EFSF) ќе и овозможи директна соработка со Европската централна банка. EFSF засега постои само како извор на финансирање, а начинот на кој се трошат средствата го одредуваат земјите членки на ЕУ. Предложените измени во статутот на фондот мора да ги одобри германскиот Бундестаг, а можеби и парламентите на останатите земји. По предложените реформи, EFSF пред се ќе се занимава со рекапитализација на банките и ќе ги гарантира нивните обврски.
Значајните банки за европскиот финансиски систем мораат да потпишат договори со фондот, со кои ќе се обврзат на почитување на инструкциите на ECB. Банките кои ќе ја одбијат таа обврска ќе бидат лишени од гаранции. ECB потоа би морала да ги инструира банките оти е неопходно продолжување на финансирањето во рамките на постојните кредитни линии и исполнување на кредитните обврски. Притоа, ECB мора внимателно да ја надгледува работата на финансиските организации. Овие гаранции ќе елиминираат еден од основните предизвикувачи на криза.
Целосната докапитализација ќе ја избрише втората причина за криза, а по опоравувањето на пазарот гаранциите можат да бидат повлечени. За да го ублажи притисокот врз државните обврзници на земјите како што е Италија, ECB би морала да ја намали својата камата.
Сорос верува дека неговите предлози ќе помогнат во надминувањето на острата фаза од кризата на еврозоната, со што би се избегнало прераснување на грчкиот банкрот во глобална криза. Во тој случај пазарите би биле сигурни во постоењето на долгорочно решение на проблемите.
Тој истакнува дека е свесен за радикализмот на своите предлози, кои сугерираат европските банки да добијат контрола на општоевропски орган, што секако нема да им се допадне, како ни на националните влади.
„Само притисокот на јавното мислење ќе успее да го придвижи процесот од мртва точка“, заклучува Сорос.
А веќе неколку месеци на ред владата на САД, во страв од нова рецесија, прави огромни залихи на храна во дехидрирана, инстант верзија, предвидувајќи нова економска криза. Еврозоната е во голема криза, оценките за стопански раст и за ЕУ и за САД се пониски од планираните, невработеноста се повеќе го оптоварува американското општество, а водечки економски стручњаци од ден на ден предупредуваат дека ни се заканува нова глобална криза.
Моментно 43 милиони Американци се на бонови за храна, што значи дека 1 од 7-мина граѓани на САД го храни државата.
Конкретен необичен „кризен“ пример:
Американскиот инвеститор Карл Бас веќе заработил милиони на сметка на кредитната криза, а сега се подготвува да го зголеми своето богатство за дури 650 пати на сметка на грчкиот банкрот!
Бас го основал фондот „Hayman Capital“ во Далас во 2006. година, откако заштедил 10 милиони долари со продажба на обврзници на компании од Волстрит. Заработил милиони обложувајќи се против тн. sub-prime хипотекарни кредити, посебен вид на кредит кој им бил понуден на лица со ниски примања, лоша кредитна способност, па дури и без готовинско учество.
Тој е еден од 15-мината луѓе кои вложиле многу пари обложувајќи се на тоа дека американските финансии „ќе исчезнат во пламен“. Верувал дека со пропаста на „sub-prime“ пазарот ќе биде откриено дека богатите западни власти кријат финансиска криза. Како голем проблем Бас го гледа фактот дека банките биле третирани како „продолжени раце“ на власта, сметајќи на тоа дека истата таа власт ќе ги спаси од финансиските неволји кога тоа ќе биде потребно.
Сега тој се обложува на колапс на цели земји во Европа. Верува дека за Грција, Португалија, Ирска, Швајцарија, Италија и Шпанија постои најмала веројатност дека ќе успеат да ги отплатат своите долгови. Купил осигурување од грчкиот банкрот за 11 базни бодови, што значи дека осигурувањето на обврзници во вредност од 1 милион долари би чинело 1.100 американски долари годишно. Грчкиот банкрот би отплатил околу 70% негови долгови, што значи дека секој облог од 1.100 долари би му донел заработка од околу 700.000 долари.
Мајкл Луис, кој за него напишал книга, се сеќава дека Бас во една пригода од својата фиока извлекол златен лост велејќи: „Мораме да купуваме многу ова“.
Купил и околу 20 милиони кованици. Тврдиот метал во секоја од нив вреди 6,8 центи.
„Можеби не е крај на светот, но многумина луѓе ќе изгубат многу пари. Наша цел е да не бидеме помеѓу тие луѓе“, порачува Бас и додава оти мајка му го советувала да вложува пари во „оружје и злато“.