Бизнис и политика: Дали почна пропаѓањето или е спасена еврозоната, а по неа и ЕУ?

Печати

Privremeno sprecen propast evraЕдни, се разбира стручни- аналитичари, политиколози, економско- финансиски експерти и политичари, се воздржани и велат дека се уште ништо не е јасно, но оптимизмот е на „повисоко ниво“. Други, пак, и стручни и помалку стручни тврдат дека пропаѓањето не е на почеток, туку е латентно и ќе потрае извесно време, односно се што сега се случува е „почеток на крајот“.

Потсетување:

На последниот самит на ЕУ во Брисел 17 членки на еврозоната постигнаа спогодба за построга фискална дисциплина како начин за сузбивање на должничката криза и враќање на довербата на пазарот. 9 од 10 преостанати членки на ЕУ кои не го вовеле еврото соопштија дека ќе го разгледаат приклучувањето кон таа спогодба, а Велика Британија остана единствена настрана откако стави вето на измените на важечката основна спогодба на ЕУ.

Респектабилни ставови на американските економисти Андрес Ослунд и Џон Вилијамсон, од Институтот за меѓународно стопанство „Питер Петерсон“, тврдат дека распаѓањето на еврозоната е неминовно. Тие им советуваат на членките на еврозоната „кога ќе дојде време“ да ја напуштат унијата брзо и истовремено, со што загубите би се свеле на минимум.

Според нив, по очекуваната пропаст на монетарната унија на 17 членки на ЕУ ќе уследи поделба на заедничката актива, а поранешните членки на „евролендот“ ќе мораат да се изборат со хиперинфлацијата и да ги смируваат валутните осцилации. Ослунд, специјализиран за источна Европа и поранешен советник на руската и украинската влада, проучувајќи други примери на распаѓање на валутни унии тврди дека на „седумнаесеторката“ најдобро би и било да го следи примерот на Чехословачка, чие распаѓање во 1993. година помина мирно и безболно за обете страни. Два други модела на монетарни сојузи- латинскиот и скандинавскиот- се распаднале уште на почетокот на минатиот век, кога на сила бил златниот стандард, така што на еврозоната тоа искуство не може да се примени.

Ослунд смета дека сите земји ќе добијат ако зоната не еврото го напуштат „брзо и истовремено“, па препорачува секоја земја да се врати на својата стара валута, а „нови комбинации можат да имаат смисла“, но би требало да се воведуваат подоцна.

Би било подобро нови банкноти да не се печатат однапред, зашто еврото може да биде во промет неколку месеци по излегувањето на земјата од зоната, со што ќе се избегне паника помеѓу населението, вели тој. Негов совет е на населението мора да му се овозможи лесна и слободна замена на марки или драхми за која било друга валута. Во првите неколку месеци курсевите на валутите можат да бидат меѓусебно врзани, но централните банки мораат да се ориентираат на други индикатори, на пример на целна инфлација.

Каматните стапки на централните банки мораат да бидат конкурентни и поголеми од каматите на американската Управа на федералните резерви, за да се привлечат средства на инвестициони фондови и да се заузда инфлацијата. Во спротивно, населението ќе штеди во американски долари кои ќе останат водечка резервна валута.

Централните банки, според мислењето на Ослунд, ќе мораат повторно да ја придобиваат довербата на населението и инвеститорите, поради што би морале да водат максимално отворена политика.

Американската Управа на федералните резерви би морала на европските централни банки да им отвори своп линии- со што централната банка на САД во ограничен период би менувал долари за локална валута.

Еден од најтешките проблеми во случај на распаѓање на еврозоната ќе биде „поделбата на имотот“, на активата која сега се „води“ на билансот на Европската централна банка (ECB) и други заеднички организации, смета Вилијамсон.

За инвеститорите најбезболна варијанта е на секој сопственик да му се овозможи трансферирање на активата во која било централна банка и потребна валута. Германската централна банка во тој случај би морала да се избори со наездата на нови вложувачи, па би била принудена да преземе маса на „лоши“ долгови.

Уште една варијана ќе биде поделба на имотот процентуално на влогот на секоја земја во ECB. Вредноста на активата може да се утврди врз основа на корпа на валути. Уделот на секоја парична единица ќе се одредува како удел на бруто домашниот производ (БДП) на земјата во вкупниот БДП на еврозоната. Тој удел за Германија, на пример, сега е 27,3%. Во таква варијанта на поделба на имотот обврските на ECB ќе бидат поголеми од активата, а членките на еврозоната ќе бидат принудени да ги делат загубите, заклучува Вилијамсон.

Агенцијата за одредување на кредитниот рејтинг „Мудис“ потврди дека ќе го преиспита рејтингот на земјите во зоната на еврото и во Европската унија во првото тримесечје од 2012. Соопшти со образложение дека на последниот европски самит изостана донесувањето на „одлучни мерки“.
Во соопштението на агенцијата се потенцира дека недонесувањето на мерки за краткорочна стабилизација на пазарот значи дека зоната на еврото, и во поширока смисла ЕУ, „остануваат изложени на нови шокови, а кохезијата на зоната и натаму е во опасност“. На крајот од ноември таа предупреди на забрзаното влошување на кризата на долгот која го загрозува рејтингот на солвентност на сите европски земји.

Според оценката на агенцијата, сите европски земји, и Франција и оние што важат за најсолидни како што се Холандија, Австрија, Финска, па и Германија, ризикуваат намалување на кредитниот рејтинг.

„Мудис“ оценува дека мерките што лидерите на ЕУ ги усвоија на самитот не претставуваат големи новини и личат на оние што се усвојувани и порано.

Дали се реални предупоредувањата, поточно прогнозите дека наскоро Велика Британија ќе излезе од Европската унија, а што едновремено ќе претставува почеток на нејзиниот крај? Имајќи ги предвид случувањата во тек, одговорот се чини е повеќе потврден односно двојбен.

Мошне убедлив во таа насока е поранешниот германски министер за надворешни работи и вицеканцелар Франк- Валтер Штајнмаер. Тој беше вицеканцелар и министер за надоврешни работи во „големата коалициона влада“ на канцеларката Ангела Меркел од 2005. до 2009. година, како и протоивкандидат на Меркел на општите избори во 2009. Сега е лидер на опозиционата Социјалдемократска партија во парламентот. Се плаши дека Британија веќе презела одлучни чекори за напуштање на ЕУ:

„Ако 26-те членки на ЕУ, без Британија, претставуваат законски формат за состаноци, тоа е веќе процес на излегување кој е неизбежен и, на крајот, неповратен“.

Интересна понуда даде чешкиот претседател Вацлав Клаус: како доброволец да го ликвидира еврото. Тврдењето дека падот на евровалутата ќе има несогледливи последици за Европа го означи како голема лага.

„Падот на еврото би можел да има трагични последици ако би се случил хаотично. Но ако Европската унија се откаже од еврото организирано и планирано, тоа би поминало мирно“, изјави тој.

Неговата понуда ја образложи со тоа дека е веќе искусен оти успешно ја ликвидирал заедничката монета на Чесите и Словаците во времето на распаѓањето на Чехословачка во 1993. година.

Инаку, светската економска прогноза е „прилично песимистичка“ и ќе бара од сите земји да преземат мерки, почнувајќи од оние во Европа, за да се избегне ескалирачката криза која носи ризик од глобална рецесија, вели извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард.

„Тоа не е криза која може да ја реши една група на земји што ќе применат одредени мерки. Се надеваме дека тој проблем ќе биде решен така што сите земји, сите региони, сите категории на земји ќе ги преземат потребните мерки“, истакна таа.

Лангард сепак забележува неколку економски светли точки во земјите на Азија и Латинска Америка, за кои наведува дека со помош на Фондот во текот на кризата во 80-тите и 90-тите години на минатиот век презеле чекори за да се изборат со слабостите во своите банкарски системи и регулаторните рамки во секторот на финансиите.

Исто така, треба да се има предвид ставот на претседателот на американските Федерални резерви Берн Бенанке- дека САД не планираат да дадат придонес во евентуалниот пакет финансиска помош за Европа. Иако според него пропаста на еврото би имала разурнувачки ефект за американската економија, поддршката ќе изостане.

Во една најнова студија на Фондацијата „Ханс Беклер“, наречена според еден познат германски синдикалец кој живеел во 19. век, а која редовно изнесува свои анализи за движењата на пазарот на трудот, се наведува дека за кризата на еврото не се виновни само долговите на Грција, туку и премногу ниските плати во Германија. Имено, во неа се тврди дека таквите плати на работниците предизвикуваат опасен дебаланс во Европа.

Од воведувањето на еврото трошоците на трудот во Германија забележале најмал пораст во споредба со другите европски држави. Во повеќето други земји тие пораснале за 3%, но во Германија во периодот од 2000. до 2010. година просечната заработувачка по час пораснала само 1,7%. Причина за тоа делумно лежи во прилично воздржаните барања на синдикатите во текот на преговорите со работодавачите. Тие сакале со конструктивен став да помогнат за намалување на невработеноста, задоволувајќи се со тоа платите да растат онолку колку што расте и продуктивноста во фирмите, смета Густав Хорн, експерт за конјуктура.

Финансиската криза што трае од 2007. го означи крајот на актуелно постојните валути и за 5 до 10 години ќе живееме во јасно променет монетарен систем. „Еврото е вториот чевел што ќе отпадне“, прогнозира американскиот економски експерт Роберт Гутман, професор по економија на њујоршкиот Хофстра универзитет.

Тој наведува дека „еврото е како просторија во која се наоѓаат 5 бомби. Тие бомби имаат фитили со различна должина, но секој од нив веќе гори“.

„Два најопасни експлозива се неуредениот државен банкрот на Грција и 6%-7% камати на италијанските и шпанските државни обврзници, ако во текот на оваа година не бидат пронајдени средства против тоа“, објаснува тој.

Не вели дека расформирањето на еврозоната не може да се прогнозира со сигурност и смета дека крајот на европскиот монетарен простор нема да води кон враќање на хегемонијата на американската монета.

„Верувам дека шковите од финансиската криза ќе водат кон крај на доларскиот систем“, додава тој не сакајќи да шпекулира за изгледот на идниот монетарен систем.

Сепак, оптимизам од Давос: некои од водечките светски банкари се оптимистични кога е во прашање исходот од должничката криза во еврозоната. Учесниците на приватниот состанок во Давос, каде што деновиве се одржа редовниот Светски економски форум, укажале дека е остварен значаен напредок во решавањето на кризата. Многумина навеле дека потегот на Европската централна банка, која минатиот месец на банките им понуди половина милијарда евра во вид на кредити на три години, претставува можна точка на пресврт по речиси три години долг пазаришен хаос кој загрози и некои од најголемите играчи во банкарскиот сектор.

„Минатата 2011. беше година на големо стравување (околу должничката криза). Зачекорувајќи во 2012. се чувствуваме малку попријатно поради напредокот што е остварен“, изјави по состанокот директорот на „Барклејс“, Боб Дајмон.

Според него, во суштина сите се вниматлени, со оглед на предизвиците што и натаму се закануваат во однос на стопанскиот раст. Меѓутоа, банкарите го пофалија напредокот што е остварен во формирањето на фискалната унија во еврозоната, како и решавањето на проблемите на европските банки со финансирањето и ликвидноста.

„Меѓу нас постои консензус дека ќе дојде до контролиран банкрот на Грција. Што се однесува на остатокот од еврозоната, не сме многу загрижени“, порача директорот на швајцарската банка UBS, Серѓо Ермоти.

Потврда на ова очекување е и резултатот од анкета помеѓу европски економисти, што ја спроведе BBC: Грција најверојатно ќе објави банкрот.

Две третини од нив го предвидуваат тоа, а очекуваат еврото да преживее. Анкетирани се 52-ца економски аналитичари во сферата на еврозоната, а се испитувани дури и експерти кои ја советуваат Европската централна банка на секој три месеци.

Европската криза започна кога стана јасно дека Грција има потешкотии во плаќањето на своите долгови, и тогаш таа доби кредит за спас од ЕУ и ММФ. По Грција помош побара и Ирска. Сега се стекнува впечаток дека по истиот пат ќе тргне и Португалија. Повеќето испитаници очекуваат дека барем една од овие три земји ќе отиде во стечај, а еврозоната ќе преживее.

„Грција пропадна. Таа земја ќе банкротира затоа што нема начин да ги исполни своите даночни цели и да го достигне неопходниот раст“, коментира Габриел Стејн, од Ломарт стрит рисрч.

Повеќе од третина од испитаните сметаат дека и Ирска ќе банкротира. Некои изјавиле дека очекуваат банкрот и на големи економии. Двајца ја навеле Италија, а еден Шпанија.

Вложувачите исто така очекуваат банкрот на Грција и Ирска. Најмалку една членка ќе ја напушти еврозоната во наредните пет години, а банкротот на Грција и Ирска ќе ги натера челниците на Европската унија на уште посилна борба против должничката криза.

Тоа е заклучокот од истражувањето што го спроведе Bloomberg меѓу 1.000 вложувачи, аналитичари и трговци кои се клиенти на таа агенција. 59% испитаници очекуваат дека една, а можеби и повеќе сегашни членки ќе ја напуштат еврозоната до 2016. година. 

Стручњаците се поделени кога е во прашање банкротот на Португалија, додека  не веруваат во такво сценарио во случај на Шпанија и Италија. Дури 90% испитаници не сметаат дека е верројатно да банкротираат САД и Велика Британија, додека 46% оти должничката криза ќе ја погоди и американската економија.

Интересно е дека вложувачите главно се задоволни од политиката што ја спроведуваат европските челници. 69% имаат позитивно мислење за потезите на германската канцеларка Ангела Меркел, додека 63% ја оправдуваат политиката на штедење на британскиот премиер Дејвид Камерон.