СЕ МУЗИКА: ИНДЕКСИ

Печати

IndexiИндекси (Indexi) е најдолговечната и една од позначајните југословенски и босанско- херцеговски поп- рок групи. Дејствуваше од 1962. до 2001. година и во тој период објави 2 студиски албума, 27 сингл плочи и 12 компилациски албуми. Групата се смета за пионер на југословенскиот рок.

Индекси е основана во 1962. во Сараево од страна на студентите Исмет Арнауталиќ (ритам гитара) и Шефко Акшамија (бас гитара)- оттаму и називот. Први членови беа и Слободан Мисаљевиќ (соло гитара), Ѓорѓе Узелац (клавијатури) и Недим Хаџихасановиќ (тапани).

Првиот сингл го снима во 1964. година, а на него се наоѓа и првата автентична рок композиција во БиХ, „Никада“ што ја компонирал Исмет Арнауталиќ. На крајот од таа година се приклучува пејачот Даворин Поповиќ. Во 1965.  Индекси ја напуштаат С. Мисављевиќ, Ш. Акшамија и Ѓ. Узелац, а влегуваат Слободан Ковачевиќ и Фадил Реџиќ. Во 1967. настапуваат на првиот сараевски фестивал „Ваш шлагер сезоне“, а истата година доаѓа клавијатуристот и композитор Корнелие Ковач со кого групата се повеќе се ориентира кон сопствен музички материјал.

Во тој период најголем успех Индекси го постигнуваат со хитот на Петко Кантарџиев „Јутро ќе промијенити све“, што го изведуваат на Опатискиот фестивал (1968.). Во таа година Ковач се преселува во Белград и ја основа Корни група, а во Индекси влегува нов клавијатурист- Ѓорѓе Новковиќ.

15. јануари 1969. година многумина го сметаат за историски датум во кариерата на Индекси. Имено, на тој ден започнува снимањето на песната „Плима“, што ја компонирал Слободан Бодо Ковачевиќ, а текстот го напишал Даворин Поповиќ. На 11. октомври истата година е снимена првата домашна (босанско- херцеговска- југословенска) рок поема „Негдје на крају у затишју“, која трае подолго од 10 минути. Во декември 1969. Исмет Арнауталиќ заминува во војска и повеќе нема да се врати во групата. Тој подоцна со Горан Бреговиќ и Зоран Реџиќ ќе го формира составот Јутро, предвесник на Бијело дугме.

На почетокот од 1970. година пак се случува една од бројните персонални промени. Ѓорѓе Новковиќ и се придружува на Про арте, а го заменува Ранко Рихтман. Но и тој не останува долго, во 1971. го заменува клавијатуристот Владо Правдиќ. Очигледно тоа била најболната „точка“, зашто веќе во есента истата година и тој заминува (во групата Јутро), па клавијатурист станува Енцо Лесиќ. Неговата песна „Све ове године“ во 1972. ќе стане мега-хит. Наскоро Лесиќ ги напушта Индекси и во Загреб ја формира групата Спектар, а на негово место повторно е Владо Правдиќ (останува до 1973. кога преминува во Јутро, од 1974. Бијело дугме).

На почетокот од 1973. година доаѓа до чудна фузија со составот Про Арте. Заедно со Новковиќ на групата и пристапува и пејачот Владимир Савчиќ Чоби, па почнуваат да дејствуваат под името Про арте- Индекси. Меѓутоа, веќе во април истата година со самостоен настап Индекси победува на „Ваш шлагер сезоне“ со песната на Александар Корач „Предај се срце“ (прв златен сингл).

Ова е пресвртен момент во кариерата на Индекси. Групата се повеќе го напушта авангардниот рок израз и почнува да се занимава со тн. лесни ноти. Продолжува со работа во 1974. година, пак со нови персонални промени. Во пресрет на Новата 1975. излегува сингл со песните „Бацила је све низ ријеку“ и „Погрешан број“. На спектакуларниот концерт што се одржа на 22. февруари 1975. во Скендерија, под назив „Повратак Индекса“, доживува очекуван триумф. Потоа започнува турнеја низ поранешна Југославија. На фестивалот „Опатија `75“ ја изведува песната „Ти си ми била нај нај“, која набрзо ќе стане голем хит. Во втората половина на 1976. Даворин Поповиќ го реализира соло албумот „Свака је љубав иста (осим оне праве“, што ја сними комплетно Индекси.

Амбициозниот албум „Модра ријека“, на стихови на поетот Мак Диздар од збирката „Камениот спијач“ и „Модра река“, Индекси го објави во 1978. година и по долги години се врати на силната авторска музика. По овој извонреден албум Индекс-овци родолжија со изведба на хитови со забавно- музичка ориентација, а во 1984. Даворин Поповиќ на својот соло албум „С тобом дијелим све“ сними песни на Кемал Монтено, Корнелие Ковач и Фадил Реџиќ. Две години подоцна групата објави четирикратна ЛП компилација со избор на најуспешните снимки. Нешто изменетиот материјал е објавен во 1991. и на двојно ЦД.

Во текот на војната во БиХ Индекси не работеа, но ја снимија песната „Улица пркоса“. Даворин Поповиќ во 1995. со песната „21. век“ на Златан Фазлиќ ја претставуваше Босна и Херцеговина на Евросонг во Даблин, а во таа година составот официјално ја обнови работата, со тројца нови членови (тапанарот Пецо Петеј, басистот Давор Чрнигој и клавијатуристот Синан Алимановиќ, заедно со Даворин Поповиќ и Слободан Бодо Ковачевиќ). Три пати настапи во Лондон, но беа чести гости и во други европски престолнини.

Во 1999. година Индекси го објави вториот студиски албум „Камени цветови“, на кој се врати на својот изворен рок звук.

Последниот концерт се одржа во Бања Лука, на 5. мај 2001. година. Даворин Поповиќ умре на 18. јуни таа година, а членовите на групата одлучија да престанат со работа. Во БиХ е востановена годишна „Награда Даворин“, што им се доделува на најуспешни музичари. На првата годишнина од смртта на Поповиќ музичката продукција РТВ БиХ објави ЦД сингл „Песна за Давор“, што ја напиша Златан Фазлиќ Фазла, а заедно со него ја пеат Дадо Топиќ, Аки Рахимовски и Младен Воичиќ Тифа.

Слободан Бодо Ковачевиќ умре на 22. март 2004., тапанарот Ѓорѓе Кисиќ на 25. ноември 2005., а првиот тапанар на групата Недо Хаџихасановиќ на 3. февруари 2006. година.

Новинарот Јосип Дујмовиќ во 2006. година напиша книга за Индекси под наслов „За инает на годините“.

Дискографија

Синглови:
-Седам величанствених / Никада / Вечерас у граду младих / Атлантис (ПГП РТБ 1964.)
-Наше доба / Пружам руке / Зашто је празан читав свијет / Једном смо се сваѓали (ПГП РТБ 1967.)
-Други човјек / Ако једном будеш сама / Јутро ќе промијенити све (ПГП РТБ 1968.)
-Не желим твоју љубав / Шабн-дабн-шабн-ду-бајо (Југотон 1969.)
-Свијет у коме живим / Да сам ја нетко (Југотон 1971.)
-Кривац си ти / Све ове године (Југотон 1972.)
-Сањам / Балада (Југотон 1972.)
-Плима / Угасила је пламен / Повратак Џека Трбосјека и осталог зла (Југотон 1972.)
-Предај се срце / Буди као море (Југотон 1973.)
-Једина моја / И твоје ќе проќи (Дискотон 1973.)
-Само су руже знале / Самоќо, љубави моја (Дискотон 1974.)
-Динг-да-да / Да л’ смо људи (Дискотон 1974.)
-Бацила је све низ ријеку / Погрешан број (Дискотон 1974.)
-Волим те / Ти си ми била нај, нај (Дискотон 1975.)
-Обала пуста, обала врела / Прва љубав (Дискотон 1975.)
-Моја Хана / Ноћни сусрети / Стани мало, злато моје / Путови (Дискотон 1976.)
-И ми и нас двоје / Кад се хоќе, све се може (Дискотон 1976.)
-Само једном / Купала се цура једна у потоку под планином (Југотон 1977.)
-У једним плавим очима / Ана (Дискотон 1977.)
-Вољела је сјај у трави / Покажи ми длан (Југотон 1977.)
-Испили смо златни пехар / Свиѓаш ми се (Дискотон 1978.)
-Позови ме на кафу / Слово о човјеку (Југотон 1978.)
-310 пољубаца / Било је лијепо (Југотон 1978.)
-Живјела Југославија / Празне ноќи а бескрајни дани (Дискотон 1979.)
-Њене очи, усне, руке / Ој, Неретво (Југотон 1980.)
-Бетонска брана / Да л’ облак зна (Југотон 1981.)
-Поздрави Соњу / На свој начин / Добар дан, туго (Дискотон 1983.)

Албуми:
-Индекси (Југотон 1974. компилација)
-Индекси (Дискотон 1977. компилација)
-Модра ријека (Југотон 1978.)
-Све ове године (Дискотон 1986. компилација, четирикратен)
-Индекси (Дискотон 1991. компилација ЦД)
-Камени цвјетови (Халикс Продукција 1999.)
-01. 10. 1999. Зетра (Комуна 2001. концертен 2 ЦД)
-Best of Indexi (Комуна 2001. компилација 2 ЦД)

Даворин Поповиќ соло

Сингл:
-Ја сам увијек хтио људима да дам / Црвено светло (ПГП РТБ 1976.)

Албуми:
-Свака је љубав иста (осим оне праве)” (Дискотон 1976.)
-С тобом дијелим све (Дискотон 1984.)
-С тобом дијелим све (Кроација Рекордс, 1995)
-За вашу душу (Пелекс 1995.)
-XXI вијек (Пелекс 1995.)