Џејмс- Џим Даглас Морисон (James Douglas Morrison) е американски пејач од ирско и шкотско потекло, поет и писател, роден на 8. декември 1943. во Мелбурн, Флорида. Познат е пред се како водечки вокал на американската рок група The Doors, а се смета за една од најхаризматичните личности во историјата на рок музиката. Автор е на неколку книги поезија, документарни и кратки филмови, како и на музички спотови. Смрта на Морисон на 27 години, на 3. јули 1971. година во Париз, ги запрепасти неговите обожаватели ширум светот, а начинот на кој се случи таа, како и тајниот погреб се предмет на разни шпекулации до ден- денес.
Морисон е син на адмиралот Џорџ Стивен Морисон и Клара Кларк Морисон кои се запознале на Хаваите. Стивен Морисон учел за пилот, а кога завршила обуката во пролетта на 1944., во екот на Втората светска војна, заминал на Пацифичкиот фронт. Клара останала на Флорида со штотуку родениот син Џим, помладата сестра Ана и братот Енди.
Џим Морисон посочува на еден од најзначајните моменти во неговиот живот кој се случил во 1947. година, за време на семејното патување во Њу Мексико. Ја опеал и во позната песна „Riders on the storm“:
„Првпат ја открив смртта...Мајка ми, татко ми, баба ми, дедо ми и јас се возевме низ пустина до зората. Камион со Индијанци удри во колата или така нешто. Имаше Индијанци расфрлани на патот, крвавејќи до смрт. Јас бев само дете, така што останав во колата, додека татко ми и татко ми отидоа тоа да го проверат. Не видов ништо...Се што забележав беше чудна црвена боја и луѓе кои лежеа наоколу, но знаев дека нешто се случило затоа што можев да ископам вибрации на луѓето околу мене и наеднаш почувствував дека ни тие не знаат што се случило повеќе отколку што знаев јас. Тоа беше првпат да почувствувам страв...и во тој момент почувствував дека душите на тие Индијанци, можеби еден или двајца, се движеа наоколу и дека слетале во мојата душа, а јас бев како сунѓер, подготвен да седам таму и да впивам“.
Тоа убедување нема да го напушти се до смртта. Дури и во песната „Peace Frog“, од албумот „Morrison Hotel“, го опишува тоа искуство.
Џим завршува гимназија во јуни 1961., а во август истата година со семејството се преселува во јужна Калифорнија. Родителите го испраќаат да живее со баба му и дедо му во Клирвотер , каде што се запишува на тамошниот колеџ. Меѓутоа, животот со строгите старци е тежок за него, особено оти го сакал алкохолот. Подоцна се префрлува на државниот универзитет во Талахаси, Флорида. Во јануари 1964., и покрај спротивставувањето на неговите родители, Морисон заминува во Лос Анџелес, каде што се запишува на студии за филм.
Во меѓувреме часови и часови посветувал на книжевноста, поезијата, религијата, филозофијата и психологијата. Морисон го откривал делото на филозофот Фридрих Вилфлем Ниче, а ги обожувал Вилјем Блејк и Шарл Бодлер. Џек Керуак и неговиот роман „На патот“ имале големо влијание врз неговите погледи и начин на изразување. Треба да се спомне и Луј Фердинанд – Селин, односно неговата книга „Патување до крајот на ноќта“. Пријателувал со познатиот поет Мајкл Маклур, а овој бил воодушевен од неговата поезија и го охрабрувал да се развива како поет.
Големо влијание врз поетиката на Џим Морисон имале и делата на драмскиот писател Антонин Арто, творецот на „Театарот и неговите замени“, како и „Живиот театар“ на Џулиен Бек. Другите дела се поврзани со религијата, мистицизмот, античкиот мит и симболиката, а посебно „Херој со илјада лица“ на Џозеф Кембел и „Златна гранка“ на Џејмс Фрејзер.
Џим Морисон посебно го привлекувале митовите и религијата, воопшто културата на Индијанците, што е мошне присутно во неговите стихови.
По добивањето на дипломата за филм на UCLA, Морисон почнал да води боемски живот на блиската плажа „Венеција“, а поради режимот со малку храна и многу ЛСД ослабел до изнемоштеност. Џоел Бродски му направила серија црно-бели фотографии наречена „Сесија на младиот лав“, во која била вклучена и култната поза на распнатиот Исус (подоцна ставена на обвивката на плочата „Best of the Doors“). Заедно со колегата од колеџот Реј Манзарек, кому му ги чита стиховите за „Moonlight Drive“, ја основа групата „The Doors“. Подоцна се придружува тапанарот Џон Денсмор кој го препорачува и гитаристот Роби Кригер.
„Doors“ значи врата, а доаѓа од наслов на книга на Олдоус Хаксли. „Вратата на забележувањето“ е позајмица од цитат на Вилјем Блејк: „Кога вратата на забележувањето ќе се исчисти, која било ствар ќе му се појави на човекот онака каква што е, бескрајна“. Вратата може да се смета како премин помеѓу два света; не знаеш што се случува во другиот свет ако не го преминеш преминот. Како што тоа го рекол Морисон: „Постојат познати и непознати ствари, а помеѓу нив има врата“.
Со издавањето на првиот албум „Strange days“ The Doors станува еден од најпопуларните рок бендови во САД. Музиката која претставува мешавина на блуз, џез и рок никогаш порано не била позната.
Во текот на концертот во Мајами, во 1969., „потонатиот“ во алкохол Морисон бил обвинет и осуден за непристојно однесување на сцена, а последица е откажување на многу веќе закажани концерти. Поради привременото отсуство The Doors почнува да го менува музичкиот стил, што се изразува на албумот „Morrison Hotel“. По долга пауза групата повторно се собира, на крајот од 1970. година, за да ја сними последната плоча со Џим Морисон „L.A Woman“. На неа се вклучени и песните кои набрзо стануваат големи хитови- „Texas Radio and the Big Beat“ и „Riders on the storm“.
Џим Морисон бил голем заводник, никогаш не му недостигало внимание на некоја жена. Со неговата долгогодишна девојка Памела Курсон се запознале пред да стане богат и славен, а таа го охрабрувала да ја развие својата поезија. Со текот на времето Памела почнала да го користи презимето на Џим. Таа не била многу среќна бидејќи членовите на The Doors го трошеле целиот талент на Џим, но сепак профитирала од неговата заработка. Тој го финансирал отворањето на нејзин бутик, а кога трошоците за него се зголемиле менаџерот на групата го убедувал Џим да ја намали паричната помош за Памела, но тој не се согласил. Односот помеѓу Џим и Памела често бил бурен, со гласни кавги. Нивниот поранешен соработник Дени Сагермен изјавил дека тоа произлегувало од нивната „отворена“ врска која ја следат болни последици.
Пред да се запознае со Памела, во средно училиште Џим Морисон имал девојка по име Тенди Мартин, а потоа и Мери Вербилоу која многу ја сакал, но врската не успеала. За неа ја напишал песната „The Crystal Ship“. Редовно уживал со неговите обожавателки, имал многубројни и кратки авантури со познати личности. По неговата смрт имало околу 20 барања за признавање на татковството на Џим за деца на жени со кои бил некогаш.
Во март 1971. Џим Морисон се преселува во Париз за да се одмори од концертите и да се концентрира на пишувањето. Многу ослабел и ја избричил брадата. Починал на 3. јули 1971. во када. Многумина тврдат дека причината била предозираност со дрога, но според некои извештаи се работело за откажување на работата на срцето. Не е извршена аутопсија зашто според правилата на францускиот закон медицинскиот вештак не пронашол траги од борба или некакво насилство. Со тоа бил оставен простор за многу шпекулации.
Во својата автобиографија Дени Сагермен вели дека тајно се сретнал со Памела кога се вратила во Америка, во половината на 70-тите. Таа му рекла дека Морисон умрел од предозираност со хероин мислејќи дека е кокаин. Памела исто така умрела од предозираност со хероин, веднаш откако била призната за вонбрачна жена на Морисон.
Џим Морисон е закопан во источен Париз, на гробот Пер Лашез. По повод 10-годишнината од неговата смрт, во 1981., била поставена биста на камениот гроб која со текот на времето постетителите ја уништувале, се до 1988. кога била украдена. Неговиот гроб е едно од најпосетените места во Париз.
По смртта постоеја шпекулации дека Морисон е можеби жив зашто малкумина го виделе неговиот труп. Џери Хопкинс се сеќава дека во песната „The Lizard King “ тој се шегувал дека ќе ја исценира својата смрт за да се стекне со поголема слава и наедно да ги избегне сите што го следеле секое негово движење. Мнгоумина обожаватели и денес веруваат дека неговата смрт е една голема лага.
Постојат многу обиди точно да се преведе натписот на грчки јазик Κατά τον δαίμονα εαυτού (на латиница: Kata ton daimona eavtou) што е врежан во надгробниот споменик. Предложени се различни интерпретации, вклучувајќи и „Долу (веројатно во Пеколот) со своите демони“, „Согоре поради своите демони“, „Со самиот ѓавол“ и сл. Меѓутоа, на старогрчки јазик зборот daimon значи дух, а не демон, и нема негативни или пежоративни карактеристики. Фразата е поправилно преведена како „Верен на својот дух“ и тоа е значењето што го сакало Морисоновото семејство кога е избран натписот. Таткото на Морисон бил тој кој или ја избрал фразата или ја смислил самиот.
Морисон влијаел врз многумина познати светски пејачи: Пети Смит, Јан Куртис, Мерлин Менсон ... Мек Клур напишал песна „За Џим Морисон “ во чест на нивното пријателство. Валас Фоули, професор по француска книжевност, напишал книга „Рембо и Џим“ во која се сеќава колку се изненадил кога добил писмо од Џим Морисон со благодарност за преводот на песните на Рембо на англиски. Кога првпат ги слушнал песните на The Doors тој веднаш го препознал влијанието на Рембо врз стиховите на Џим. Фоули држел предавања на многу универзитети за животот, филозофијата и поезијата на Морисон и Рембо.
Издадени се две постхуми изданија на поезија на Џим Морисон, во избор на неговиот добар пријател, фотографот Гренк Лискијандро. Првата книга, „The Lost Writings of Jim Morrison“, е насловена како „Wilderness“ и за време на издавањето, во 1988., стана бестселер. Втората, насловена „The American Night“, е издадена во 1990., исто така доживеа голем успех.
Само еднаш Морисон снимил свое рецитирање на поезија во студио. Легендата вели дека снимката е забележана во декември 1970., на неговиот 27-ми роденден. Неколку години подоцна лентата е пронајдена и во 1978. година се собрале останатите членови на „Дорси“ и снимиле музичка подлога за неа. Делото е издадено под името „American Prayer“ и стасало на 54-тото место на музичките топ- листи.
Во раните 80-ти Кери Буканан сними филм „Повеќе од The Doors“, без забележителен успех, а во 1991. Оливер Стоун го сними документарецот „The Doors“- за животот на Џим Морисон. Филмот помина добро кај критиката, но доживеа комерцијален неуспех.